Мајли Сајрус се омажи за својот долгогодишен партнер, музичарот Макс Морандо. Двојката се венча на 21 ноември во Палм Спрингс, Калифорнија, на свеченост со семејството и најблиските пријатели.
Наместо раскошна холивудска свадба, тие избраа подискретна прослава на посебно место — во поранешниот дом на легендарниот Френк Синатра.

Свеченоста се одржа на имотот „Твин Палмс“, каде што градината покрај базенот беше уредена со бело цвеќе, свеќи и внимателно избрани украси. Во романтичниот амбиент, младенците го споделија важниот момент со своите најблиски.
Венчаница со отворен грб и долг шлеп
Најмногу погледи привлече невестата. За свадбата, Мајли избрала бела венчаница со долги ракави, длабоко отворен грб и долг шлеп. Едноставната, но впечатлива силуета му одговарала на поинтимниот карактер на прославата, а целиот изглед бил спој на елеганција и гламур.
Косата ја собрала во елегантна пунџа, а изгледот го дополнила со висечки обетки и салонки со шпицест врв. Макс Морандо, пак, избрал класичен црн костум.

Фотографиите од церемонијата доловуваат и емотивни моменти. Додека ги читала брачните завети од бела картичка, Мајли во еден миг посегнала по марамче.
Околу 140 гости на свадбата
Според странските медиуми, на прославата присуствувале приближно 140 гости. Меѓу нив биле и мајката на пејачката, Тиш Сајрус, и нејзината сестра Ноа Сајрус.
Славењето почнало уште вечерта пред венчавката, кога Мајли и Макс приредиле вечера за семејството и пријателите. Посебен детаљ биле персонализираните менија со иницијалите „M+M“, а масите биле украсени со цветни аранжмани во виолетови и розови тонови.
Љубовна приказна што почнала со состанок на слепо
Мајли Сајрус и Макс Морандо се запознале во 2021 година преку заеднички пријател. Нивната прва средба била своевиден состанок на слепо, иако пејачката подоцна објасни дека искуството не било исто за двајцата.
„За мене беше состанок на слепо, но за него и не баш. Си помислив: ‘Најлошото што може да се случи е да си заминам’“, раскажа Мајли во интервју за британскиот „Вог“.
Таа средба прераснала во врска што трае веќе пет години. Макс е музичар и тапанар на бендот „Лили“, а се занимава и со продукција. Со Мајли соработувал и на нејзини музички проекти.
Двојката главно ја чуваше врската подалеку од јавноста, а свршувачката ја потврди во декември 2025 година. Тогаш пејачката се појави со впечатлив дијамантски прстен на премиерата на филмот „Аватар: Оган и пепел“. Макс ја запросил за време на нивното патување во Кјото, Јапонија, и успеал целосно да ја изненади.
Ова е втор брак за Мајли Сајрус. Таа претходно беше во брак со актерот Лијам Хемсворт. Се венчаа во 2018 година, а нивниот развод беше завршен во 2020 година.
Со венчавката со Макс Морандо, пејачката почна ново животно поглавје, одбележано со прослава во кругот на најблиските и со внимателно избрани детали, наместо со голем холивудски спектакл.
Извор: Story.rs