Лила тврди: Парите ги вратив, неправедно ми се валка угледот


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Откако Мкд.мк објави дека македонската водителка Лила Филиповска била дел од измамата во која фирмата „Дан-Мак“ била оштетена за 250.000 евра за наводно учество во ЕУ проектот за изградба на старски домови, водителката  демантира дека учествувала во измамата и дека парите на фирмата им се вратени.

Порталот МКД.мк објави изјави од Ена Норнилд, косопственичка на градежната компанија, која тврди дека била измамена од Лила и Бојан Јовановски. Таа во изјавата посочува дека пред две години поднела кривична пријава против Бојан Јовановски и Филиповска, а која според неа, била заборавена во некоја обвинителска фиока.

Лила Филиповска за „Фокус“ појаснува дека изминатиот период се води хајка против неа, со што и е нанесена огромна штета, поради валкање на нејзиното име и чест.

-Ноторна лага е тоа што го кажува госпоѓата, чие име и не сакам да го изговорам. Оваа хајка против мене трае веќе подолг период, со објавување на неточни и половични информации. Вистината е дека парите се вратени, за што доказ се и уплатниците кои ви ги доставивме. Во моментот се води граѓанска постапка, која е при крај, а која не треба да биде во интерес на јавноста, но очигледно е дека намерата е да се згази по мојата чест и углед, вели Филиповска.

Таа додава дека е злоупотребено нејзиното име, без притоа никој да ја праша за нејзината страна од приказната.

-Ова е крајно непрофесионален и некоректен однос од новинарите, кои не побараа моја изјава. Дотичната пак продолжува да ги злоупотребува медиумите и социјалните мрежи, наместо да остави судот да покаже кој е во право. Затоа моите адвокати ќе поднесат соодветни поднесоци за лажните искази, како и за нарушувањето на мојата чест и углед, вели Филиповска.

И нејзиниот адвокат, Валентин Пепељугоски, вели дека парите се целосно вратени.

-Од компанијата „Дан-Мак“ даваат лажна изјава дека не им се вратени парите, што не е точно, за што постои и материјален доказ. Зборуваат и за некаква изгубена добивка, што исто така е неосновано, бидејќи таа следувала само ако се реализира договорот. Инаку, поднесовме три кривични пријави за компанијата, нотарот и извршителот, а водиме и граѓанска парница за времена мерка за извршување, бидејќи од сметката на Филиповска веќе е одземен одреден износ, ни изјави адвокатот Пепељуговски.