Лекарски совети пред претстојните празници: Не се прејадувајте и не се препивајте алкохол


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Од Службата за Итна медицинска помош и од Универзитетската клиника за токсикологија во пресрет на Новата година и божиќните празници до граѓаните апелираат и препорачуваат умерено да консумираат храна и алкохолни пијалоци, за да нема алкохолни труења, тепачки и сообраќајни незгоди, а хронично болните редовно да ја земаат терапијата.

Раководителот на Службата за Итна медицинска помош, Милица Бубало за МИА изјави дека граѓаните не треба да консумираат многу алкохол и треба да се воздржат од користење пиротехнички средства и оружје. Таа посочи дека граѓаните треба да внесуваат умерени количини храна и да внимаваат при внесување мрсна храна поради можност да се јави дијареја.

„Алкохолни труења може да се случат и кај децата на возраст под 18 години. Тие не треба да консумираат алкохол. Продавниците не треба да продаваат алкохол и цигари на деца под 18 години. За жал некаде и родителите им купуваат алкохол на децата. Порано немаше, но сега во продавниците има и безалкохолен шампањ“, рече Бубало.

Таа посочи дека Службата за ИМП работи 24 часа, а во текот на новогодишните празници ќе работат и дежурните албуланти.

„Од утревечер од 19:30 до понеделник до 7:30 ќе работат дежурните служби, амбулантите во рамки на здравствените домови односно што се под ингеренции на Службата за ИМП. Има седум дежурни амбуланти при поликлиниките „Бит Пазар”, „Ченто”, „Драчево”, „Јане Сандански”, „Ѓорче Петров”, „Чаир”, „Шуто Оризари”. Во рамки на Службата за ИМП е и домашната посета и таа ќе работи нормално како и секој викенд“, додаде Бубало.

Директорот на Клиниката за токсикологија, Ридван Бајрами за МИА изјави дека се надева оти граѓаните нема да претеруваат со внес на храна и алкохолни пијалаци.

„Минатата година бевме одлични во врска со интоксикации за новогодишната ноќ и за време на божикните празници. Бројот на пациенти беше релативно минимален споредено со другите години. Се надевам дека и годинава ќе биде така и дека ќе се почитуваат и мерките на претпазливост од ковид-19 кои вклучуваат и дистанца“, додаде Бајрами.