ЛДП и Павле Трајанов го известиле Џафери дека ќе дејствуваат независно од пратеничката група предводена од СДСМ


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Првиот човек на македонското Собрание, Талат Џафери, денес, на средба со новинарите, потврди дека ги добил известувањата од пратениците од ЛДП, Моника Зајкова и Боби Мојскоски, и од Павле Трајанов од ДС дека ќе делуваат независно од пратеничката група која ја предводи СДСМ, но рече дека нема најави или пак формално известување дека ќе се формира нова пратеничка група.

Во врска со критиките на опозицијата дека цел месец нема седница бидејќи владејачкото мнозинство не може да обезбеди кворум, Џафери рече дека не е негова одговорност да обезбеди мнозинство, туку пратениците треба да дојдат на работа и најави разврска на ваквите случувања во Собранието, особено за намерно недоаѓање на седниците од страна на пратениците од владејачкото мнозинство односно поконкретно од пратеничката група на ДУИ.

„Сите пратеници имаат обврска да дојдат на работа, работата им е професионална и за тоа примаат плата, а калкулациите се друга работа. Мислам ќе има разврска“, изјави Џафери.

Тој, како што рече, навреме ги информира пратениците за доставените закони и за одржувањето на седниците, а се друго е лична одговорност.

Џафери најави дека на првата наредна седница на дневен ред покрај законските текстови и годишни извештаи, ќе бидат ставени и двете интерпелации поднесени од опозоцијата за министерот за правда Бојан Маричиќ и вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски. Вчера, пак коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива поднесе интерпелација за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по случајот со Сашо Мијалков. Но, засега не се знае кога Собранието ќе ја одржи првата наредна седница.

Околу иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за собирање потписи против пописот Џафери потсети дека им е вратена од формален аспект, поради користењето на името Република Македонија, иако во други иницијативи користат Република Северна Македонија.

„Доколку одеше во процедура, ќе требаше да оди на Законодавно-правната комисија, за формално да се донесе мислење за уредноста на иницијативата и за предлогот потоа да се изјасни парламентот, “ рече Џафери, додавајќи дека откако била вратена од формални причини, ВМРО-ДПМНЕ не ја покренале повторно за 15 дена и таа веќе не постои. Тој исто така нагласи дека за тие 10.000 потписи што ќе ги соберат сега треба да изберат преставник кој треба да докаже дека потписите се собрани според законски пропишањата процедура, и ако се исполнети формалните аспекти за неа, односно да се утврди дали потписите се легитимни или не, ќе се изјаснат за нив пратениците на пленум.

Во однос на локалните избори Џафери рече дека според законот се организираат во последните 90 дена од мандатот и во тие рамки се остава простор за плус или минус неколку денови. Па така најран рок е 3 октомври, а најдоцна 10 или 17 октомври. Ако се прифати првиот термин тие треба да се распишат најрано на 5 јули, а најдоцна на 25 јули. Ако гласањето е на 10 октомври ќе се распишат на 12 јули или најдоцна на први август. За евентуални вонредни избори со локалните, што бара опозицијата, Џафери рече дека треба да мислат и на стоте дена технички влада пред нив, поради што ќе бидат потребни две решенија за нивно распишување – за едните треба минимум 60 дена, за другите над 70 дена пред гласањето.