Латас и Груевски денес на обвинителна клупа за „Тенк“ и „Тотал“

На две одделни судења во Кривичен суд, на обвинителна клупа денес седнуваат Никола Груевски, за „Тенк“, и Драган Павловиќ Латас за „Тотал“.

Денеска во кривичниот суд на судење треба да се појават експремиерот Никола Груевски, обвинет во предметот „Тенк“, и новинарот и бизнисмен, Драган Павловиќ Латас, обвинет во предметот „Тотал“. Тие во судот треба да се појават во исто време, во 10.30 минути, но ќе бидат во различни судски згради. Предметот „Тенк“, судијката Добрила Кацарска го води во новата зграда, додека предметот „Тотал“, во кој е обвинет Латас, се суди во старата зграда на кривичниот суд.

Предметот „Тенк“ е пред крај. Неделава се закажаните последните рочишта. Се очекува завршен збор и донесување пресуда, која ќе биде прва пресуда за Груевски од 5 обвиненија кои му ги покрена специјалното јавно обвинителство.

Во предметот „Тотал“, обвинет е Драган Павловиќ Латас, заедно со три фирми: „Тотал Маркетинг ДООЕЛ“, „Тотал Медиа Центар“ и „Медиамакс“, каде што тој јавува како сопственик или управител. Судењата досега се одложуваа поради лични и семејни причини на обвинетиот. Според обвинението, Латас во периодот од 2008 до 2015 година одбегнал плаќање данок. Тој и правните лица давале лажни податоци за даночните обврски.

Извор: Макфакс