Кривична пријава за охриѓанка заради расистички и ксенофобични коментари на социјаните мрежи за припадниците на Лев Тахор


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Охриѓанка ќе добие кривична пријава за ширење на расистички и ксенофобичен материјал преку социјалните мрежи, најавуваат од МВР.

Станува збор за коментари на Фејсбук во врска со еврејската група Лев Тахор, која сега е сместена во хотел во Охридскиот регион.

Охриѓанката денеска била и на разговор во охридската полициска станица.

„При разговорот В.С. изјавила дека таа во текот на вчерашниот ден ја поставила содржината, а денеска самата ја избришала. По целосно документирање на случајот до ОЈО Охрид ќе биде поднесена кривична пријава по член 394-г од КЗ“, велат од МВР.

Припадниците на групата Лев Тахор, по пристигнувањето во земјава првично се сместија во Куманово, каде состојбата ескалираше кога мештани фрлаа јајца и откорнаа капија на една од куќите каде престојуваа. Тоа беше аларм за полицијата дека групата треба да се дислоцира на безбедно, па по одбивањето од повеќе хотели да ги прифатат, припадниците на Лев Тахор конечно се сместија во хотел во Скопје чија локација, од безбедносни причини, не се откриваше. Сега, пак, тие се сместени во Охрид.

За говорот на омраза против Лев Тахор денеска реагираше и еврејската заедница во земјава од каде рекоа дека се вчудоневидени од неверојатниот говор на омраза по повод на престојот на една ортодоксно религиозна еврејска група во државава, која во основа е мирољубива и не загрозува никого.

„Една мала група на подбуцнувачи со своите изјави во стилот ’Треба да се запали хотелот сосе Евреите по него‘ предизвикува страв и непријатно чувство на Евреите во Република Македонија. Никогаш Евреите во Македонија не се судриле со таков антисемитизам ксенофобија и јазик на омраза кој може да предизвика несогледливи последици“, реагираа од Еврејската заедница.

Оттаму ги замолија и новинарите крајно внимателно да известуваат за групата и она што се случува во врска со нив.

„Инсинуациите дека се водат разноразни судски процеси за киднапирање на деца и други недолични работи од нив, не се точни и не се однесуваат за оваа група американски, канадски и други западно европски граѓани, припадници на оваа група со еврејска вероисповед. Јазикот на омраза и непочитување, ксенофобија, антисемитизам и фанизам, скапо го плати еврејскиот народ во Македонија. 7.144 евреи одведени на 11 март 1943 во Треблинка од каде никој жив не се врати, како и многуте борци Евреи кои загинати во Втората Светска Војна борејќи се рамо до рамо со останатите македонски борци се цена што еврејскиот народ ја плати за идеалите на слободна Македонија. Дали сега треба да дозволиме да една мала група подбуцнувачи, а јас би рекол и непријатели на демократскиот развој на Македонија, шират омраза и нетрпеливост кон Евреите?“, пишува во денешното соопштението од Еврејската заедница.