Актуелно

Кривичен го одби и второто барање од Сеад Кочан за одложување на затворската казна

Одбиено е и второто барање за одложување на затворската казна на Сеад Кочан кое до Кривичниот суд го упати адвокатскиот тим на бизнисменот.

Кочан е осуден во предметот „Труст“ на специјалното јавно обвинителство и сега се чека само правослност на одлуката.

Откако еднаш Судот го одби, Кочан, кој требаше да се јави во затворот во Идризово на 17 јули, поднесе уште барање да му се одложи казната поради нарушена здравствена состојба. Судот ја разгледал медицинската документација и донел решение со кое го одбил барањето на Кочан како неосновано.

„По добивање на целокупната медицинска документација неопходна за одлучување по барањето за одлагање на извршувањето на затворската казна на еден од обвинетите во конкретниот предмет, како и разгледување и ценење на истaтa, на 19.07.2019 година донесе решение со кое барањето се одбива како неосновано“, соопшти Кривичниот суд.

Од таму додаваат дека решението е веќе доставено до странките во постапката кои имаат право на жалба до кривичниот совет, а по правосилноста на решението осуденото лице е должно веднаш да се јави на издржување на затворската казна.

Кочан е осуден за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Според пресудата, тој со лажни документи учествувал и добил тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ вредни 17 милиони евра.

To Top