Креативни шверцери: Фатени 18 кг дрога во плинска боца и 70 кг во PVC дограма


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Албански државјанин заврши во притвор откако царинските служби спречија обид за шверц на 18 килограми марихуана на граничниот премина Табановце, а од Царинската управа информираат и за уште еден случај во кој царинско куче откри дрога во ПВЦ-прозорци.

Околу 6 часот во вторникот за излез од Република Македонија на граничниот премин Табановце бил пријавен автомобил управуван од лицето П.Ш., албански државјанин. Возачот одговорил негативно на прашањето на цариниците дали има нешто да пријави, но бил селектиран за контрола. При преглед на багажниот простор била најдена плинска боца во која била скриена марихуаната. Дрогата била спакувана во 15 вакумирани пакетчиња облепени со селотејп трака наполнети со марихуана со вкупна тежина од околу 18 килограми. Осомничениот марихуаната ја купил во Албанија и преку Македонија требало да ја однесе во Германија, за што било договорено да му биде исплатен одреден паричен надомест. Против сторителот Царинската управа поднесе кривична пријава за нелегална трговија со дрога, а по барање на Обвинителството, судија на претходна постапка му определи 30-дневен притвор.

Вториот случај на дрога царинските инспектори со помош на пес го откриле пред околу еден месец во товарно моторно возило натоварено со ПВЦ прозорци во кои биле скриени 70 килограми марихуана. Во царинскиот склад Дени интернационал Скопје, бил направен преглед на возилото со скопски регистарски ознаки, управувано од лицето А.С. од Скопје. Царинското куче ја открило пратката на марихуана која била скриена во 30 парчиња во ПВЦ-прозорци во средишниот дел од ПВЦ-профилите. Возилото пријавено за транзит низ Македонија, било натоварено во Косово со две кујни и 32 парчиња комплет ПВЦ прозорци, а крајната дестинација му била Швајцарија. Целосната документација и за овој случајот е комплетирана и предадена на Министерството на внатрешни работи за понатамошно постапување.