Коѕијас стигна – веднаш почнува со средби со политичкиот врв


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Првиот човек на дипломатијата на Грција, Никос Коѕијас, со владин авион слета во Скопје, во прва посета на земјата по преименувањето на аеродромот во Меѓународен аеродром Скопје, како една од отстапките на македонската Влада во процесот на преговорите за името. Со неговото доаѓање со грчки владин авион, ова е случај по 12 години грчки авион да слета на скопскиот аеродром.

Коѕијас беше пречекан од македонска делегација, а вечерва ќе има работна вечера со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, како подготовка за утрешната богата агенда, организирана за грчкиот министер.

Коѕијас утре ќе има средби со Димитров, со премиерот Зоран Заев, со вицепремиерот Бујар Османи, со претседателот на Собранието Талат Џафери и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.

На средбите ќе се разговара за содржините на двете спогодби кои се на маса за решавање на проблемот што Грција го има со уставното име на Македонија. Најпрво Грција испрати предлог спогодба, со која македонската страна не беше баш најсреќна, по што и Македонија испрати свој предлог за спогодба.

Коѕијас нема да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, а тоа, како што велат во кабинетот на шефот на државата, не било ни побарано од грчка страна.

Грчките медиуми во контекст на посетата на Коѕијас објавуваат дека по разменетите нацрт-спогодби, преговорите за името влегуваат во клучна фаза. Најспорни точки меѓу Атина и Скопје се грчкото барање за промена на македонскиот Устав, спектарот на употреба на новото име, но и идентитетот.

Од македонска страна, пак, повеќепати беше нагласено дека треба да се најде достоинствено решение за името со почитување на идентитетот, без промени на Уставот.

Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе имаат нова средба на 30 март во Виена на која ќе биде и посредникот на ОН, Метју Нимиц.