Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Димитар Ковачевски, заменик-министер за финансии и близок соработник на Заев, официјално прв ја најави својата кандидатура за нов претседател на СДСМ, иако се шпекулира дека на листата на кандидати во текот на неделава, веројатно, ќе се појават уште неколку имиња, коишто имаат амбиции да застанат на чело на партијата.
Тој во интервју за државната новинска агенција МИА тврди дека „не е ничиј човек“, но од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвинија дека „е пион на Заев и човек на олигархијата“. Според нив, конгресот на СДСМ е само фарса.
Ковачевски не чекаше долго по оставката на Зоран Заев, да ја обелодени веста дека ќе се кандидира за нов партиски лидер. По одлуката на Централниот одбор на партијата, во петокот на полноќ, да ја прифати оставката на Заев и со тоа да го отвори патот за кандидатури за нов лидер, Ковачевски викендов преку интервју за државната агенција ги промовираше своите ставови и визијата за иднината на партијата. Порача дека „не е ничиј човек, туку е човек со интегритет и големо професионално искуство соодветно за позицијата претседател на СДСМ“.
Актуелниот заменик министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, изјави дека не го загрижуваат коментарите дека е човек на актуелниот премиер Зоран Заев и „маша“ која треба да ги продолжи „погубните“ политики на СДСМ, како што го обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Смета дека е ослободен од внатрепартиски поделби и игри кои ги смета за непродуктивни.
Ковачевски наведува дека „многу брзо“ ќе ги демантира „етикетите“ кои му ги дава опозицијата со тоа што, како што вели, ќе постигне резултати со работа. „Мојот фокус е да донесам квалитетни промени кои граѓаните и нашите членови ги очекуваат, но и многу брзо ќе ги препознаат“, вели Ковачевски. Според него, државата освен решавањето на „историските проблеми со соседите“, треба да се фокусира и на клучните проблеми дома, на борбата со криминалот и корупцијата, реформи во судскиот систем, јакнење на економијата и подигнување на животниот стандард на граѓаните.
Слични пораки тој упати во понеделникот и во гостувањето на „Утрински брифинг“, каде рече дека сите институции мора многу поефикасно да се борат со овој проблем кој ја намалува економската конкрентност и ги загрозува основните слободи на граѓаните. „Корупцијата е лоша за целото општество и од аспект на конкуренцијата и намалување на слободите. И тоа мора да се адресира. Судството и Обвинителството мора да бидат независни и мора да ја зголемат ефикасноста. Мојот став е нулта толеранција за корупцијата и сѐ да се работи по закон и процедура. Откриената корупција мора да се санкционира“, вели Ковачевски.
Во однос на кандидатурата, тој вели дека неговата цел ќе биде обединување на СДСМ и симпатизерите и тоа пред се поради резултатите на локалните избори.
Шпекулациите дека Ковачевски е фаворитот на Заев за негов наследник беа подгреани уште минатата недела, кога тој се појави заедно со премиерот на средбата со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, на преговорите околу окрупнувањето на парламентарното мнозинство.
Внатрепартиски избори во СДСМ по пат на непосредно гласање ќе се одржат на 12 декември. Овој датум се совпаѓа и со внатрепартиските избори на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Додека Ковачевски тврди дека има големо искуство за да биде лидер на СДСМ, од опозицијата тврдат дека со него нема ништо да се смени. „Димитар Ковачевски е син на Слободан Ковачевски, градоначалник на Куманово во времето на транзицијата. Таткото на Ковачевски бил и амбасадор на Македонија во Црна Гора, исто така поставен од СДСМ. Ковачевски е човек на олигархијата, на едно мрачно време кое остави стотици илјади на улица и без пари. Ковачевски не е нов лик, тој е стар производ спакуван во ново пакување“, велат од опозициската партија.