Косовското МВР тврди дека тројцата косовски специјалци биле киднапирани на косовска територија од страна на српските служби


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла, во објава на Фејсбук ја обвини Србија за нелегално влегување на територијата на Косово и киднапирање тројца полицајци.

Свечла посочува дека тоа е прекршување на каков било договор и дека е спротивно на кој било принцип на меѓународните норми.

„Додека кај нас се спроведуваат редот и законот, криминалната Србија влезе на територијата на Косово и киднапира тројца полицајци на Република Косово кршејќи го секој договор и спротивно на секое начело на меѓународните норми. Без сомнение, нашите полициски службеници беа стационирани длабоко на територијата на Република Косово, на статичен контролен пункт и ги извршуваа своите редовни задачи. Србија продолжува да биде причина и чувар на злото во регионот и во Косово. Не отстапуваме пред криминалците и терористите. Србија повторно го покажува своето вистинско лице и тоа на автократска и агресивна држава“, напиша Свечла.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Свечла, бара од меѓународниот фактор итно да го зголеми притисокот врз Србија, не само да ги ослободи косовските полицајци туку и да престане со нејзините провокации. Според Свечла, ваквото однесување на Србија не го спречува патот на Косово за зајакнување на суверенитетот во земјата.

Како што соопшти српското МВР, припадниците на Антитерористичката група на Специјалната полициска единица лоцирале и уапсиле тројца припадници на косовската полиција Р.З., Б.С. и М.Ш. во административната зона кон Косово, далеку во длабочината на територијата на централна Србија.

Сите тројца уапсени биле вооружени со автоматско оружје и во целосна воена опрема со ГПС-уреди, мапи и друга опрема.