Живот

Колку сладоледите се добри за здравјето и која нација јаде најмногу сладолед?

Кратка обиколка на маркетите и разгледување на понуденото во ладилниците покажува дека јадеме сладолед со многу шеќер, разни ароми, конзерванси, емулгатори, стабилизатори, прехранбени бои…, кои го прават со поубав вкус и подолготраен.

Тоа, секако, не значи дека сладоледите не се вкусни или безбедни. Но колку се добри за здравјето ако се јадат во големи количини?

Светот сè повеќе внимава што јаде

Според извештајот на компанијата „Минтел“, која се занимава со истражување на пазарот, глобалната продажба на сладолед паднала од 15,6 милијарди литри во 2015 година на 13 милијарди во 2016 година, или за 16,7 проценти.

Сладоледот денес доаѓа во сè помали пакувања со повисока цена. Падот на неговата популарност во светот, пишува хрватски „Јутарњи“, се должи на големите количества шеќер што се употребуваат во производството. За шеќерот, „тивок убиец“ како што се нарекува, предупреди и Светската здравствена организација. Дневниот внес на шеќер не треба да премине 5 отсто од вкупната дневна енергија што ја добиваме со храната. За човек со просечна тежина тоа се околу 25 грама дневно или околу 6 мали лажички.

– Трендот луѓето да се грижат за здравјето веќе некое време не стивнува, па факт е дека повеќе внимаваат на тоа што го внесуваат во својот организам, вклучувајќи го тука и рафинираниот шеќер. Секако, не секој сладолед е „нездрав“, но проблемот со сите трендови, па така и со овој, е во тоа што луѓето фактите ги земаат здраво за готово – вели нутриционистот Ненад Братковиќ.

Неговата колешка Весна Босанац објаснува дека од боите што се користат во производство на сладолед може да се добие исип, па треба да се избираат поквалитетни сладоледи.

Многу шеќер и адитиви

Во понудата на нашиот пазар има многу сладоледи во кои има и многу додатоци. На пример, има емулгатори и стабилизатори кои може да се користат за производот да се згусне. Во некои сладоледи има природни, добиени од билки, во други, пак, добиени преку многу хемиски процеси. На пример, во некои сладоледи се користат амониум фосфатиди, стабилизатори, средства за хомогенизација на масти и вода што се добива со естерификација на глицерол со фосфорна киселина и масни киселини, кои пак може да се од билно или од животинско потекло. За многумина се недоволно испитани.

Ако, пак, се погледне количината на шеќер во некои сладоледи во 100 грама, има повеќе од препорачаната дневна доза.

 

Се контролира безбедноста

Инаку, безбедноста на сладоледот ја контролираат инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство. Тие велат дека вршат редовни контроли за исполнетост на хигиенските услови во угостителските објекти, вклучително и во производството и прометот со сладолед.

– Контролите се засилени во текот на летниот период поради високите температури и ризикот од труење. Досега земените и анализирани мостри потврдуваат дека состојбата со производството и продажбата на сладолед во земјава е задоволителна, бидејќи испитаните мостри се безбедни и кај нив не се констатирани отстапувања. Малите недоследности, забележани при контролите, во соработка со операторите за храна и по извршената едукација, навремено се отстрануваат – објаснуваат од агенцијата.

Согласно препораките на Европската Унија за мониторирање на штетните агенси во храната, а со цел производство, промет и пуштање безбедна храна на пазарот и заштита на потрошувачите, Агенцијата и годинава ја реализира Програмата за мониторинг на безбедноста на храната во Република Македонија. Програмата е усогласена со европските програми за мониторинг, препораките на Светската здравствена организација, како и резултатите добиени со анализа на податоците за земените мостри од храна во изминатите години.

– Годинашната програма опфаќа и спроведување мониторинг на микробиолошката исправност на определени производи дефинирани согласно ризикот, вклучително и на сладоледот од кој годинава се земаа и лабораториски се испитуваа 27 мостри од сладолед, со што, во овој дел Програмата е целосно реализирана. Врз основа на направените лабораториски анализи на земените мостри сладолед, потврдено е дека се безбедни, односно во нив не се најдени микробиолошки контаминенти – велат од агенцијата.

До Одделението за заштита на потрошувачи при Агенција за храна и ветеринарство годинава е поднесена само една претставка од потрошувач која се однесува на сомнеж за труење од сладолед.

– По спроведената контрола од страна на инспекциските служби на Агенцијата е констатирано дека била неоснована – додаваат оттаму.

Што препорачуваат нутриционистите од Нов Зеланд, најголемиот потрошувач на сладолед во светот?

Новозеланѓаните се најголемите потрошувачи на сладолед во светот според сите статистики. Секој Новозеланѓанец јаде дури 23 литри годишно повеќе од Американците и Австралијците. Угледната новозеландска нутриционистка Бригид Чан препорача дека кога се работи за сладоледот, најмногу треба да се внимава на енергетската вредност, како и на дневната количина на калциум, шеќери и заситени масти што се внесуваат со сладоледот.

Чан, како што пренесува специјализираната новозеландска интернет-страница за здрава храна „Хелти фуд“, вели дека кога ги читаме декларациите на сладоледот и другите млечни производи слични на него, треба да внимаваме количината на калциум да биде 150 или повеќе на 100 грама сладолед. Чан вели дека е најдобро количеството шеќер да не надминува 20 грама во 100 грама сладолед, што е сосема доволна количина за еден ден.

-100 грама сладолед вообичаено содржат 6-10 грама заситени масти, што грубо пресметано е околу четвртина до половина од дневната доза. Сметам дека 4 грама, па и помалку заситени масти на 100 грама сладолед е добро, но два грама или помалку од два грама заситени масти на 100 грама сладолед е уште подобро, советува Чан.

За енергетската вредност на сладоледот и на производите слични на него таа препорачува да се избираат продукти до најмногу 800 килоџули на 100 грама сладолед.

– Ако внимавате на вашата телесна тежина, тогаш не земајте сладолед кој има повеќе од 600 килоџули на 100 грама – додава Чан.

Извор: Факултети.мк

To Top