Која е и колку „тежи“ „Јагео“ – тајванската корпорација која ќе инвестира над 205 милиони евра во Македонија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Веста дека тајванската корпорација „Јагео“ ќе отвора производствен комплекс во Македонија не доби само локален, туку и меѓународен публицитет.

Освен што ја има на веб страницата на тајванската корпорација, оваа вест за вложувањето во Македонија од над 205 милиони евра, со отворање повеќе од 3.900 работни места во период од десет години, доби меѓународна гласност, пренесува порталот Пари.

Во информацијата на SeeNews се цитира основачот и претседател на „Јагео“, Пјер Чен.

„Со стратешка географска положба, со стабилен монетарен и поволен даночен систем, како и со висококвалификувана работна сила и со конкурентни трошоци за работа, Македонија е идеална локација од каде што Групацијата Јагео ќе продолжи да го шири својот деловен опсег во Европа“. Исто така, се посочува дека американски Кемет, подружница на „Јагео“, веќе управува со два погони и со еден центар за истражување и развој во Македонија.

Компанијата е основана во 1977 година и се смета за еден од најголемите глобални добавувачи во автомобилската индустрија, зелената енергија и електроника. Произведува електронски делови, отпорници, кондензатори, индуктори, трансформатори, антени… Вработува 40 илјади лица во 29 продажни објекти, 49 фабрики и 20 центри за истражување и развој, кои се распространети во 24 земји.

За март „Јагео“ пријави консолидирана продажба од 9,006 милијарди нови тајвански долари (НТ$) што е во сооднос на речиси 270 милиони евра, или 295 американски долари. На месечно ниво тоа претставува раст од 4,9 проценти. Во првото тримесечје, пак, консолидираната продажба достигнала 26,097 милијарди НТ$, и тука има пад од 9,4 отсто во однос на претходниот квартал.

На крајот од минатата деловна година, корпорацијата ги забележала следните параметри: остварени приходи од 28,84 милијарди НТ$, трошоци од работењето 4,59 милијарди, нето приход 4,16 милијарди НТ$.

Според податоците, вкупната актива на последниот ден од 2022 година била 277,19 милијарди тајвански долари, вкупните обврски 155,64 милијарди, а вкупната вредност на акциите – 121,55 милијарди НТ$, што е еднакво на речиси четири милијарди долари и на 3,6 милијарди евра.

За минатата година, на акционерите ќе им биде исплатена дивиденда од по 10 тајвански долари за акција.

На Тајванската берза котира од 1993 година.

Инаку, еден нов тајвански долар е во противвредност на 0,030 евра, на 0,033 американски долари и на 1,84 македонски денари.