Живот

Кинеските вакцини во Македонија стигнуваат утре – во мај секој понеделник ќе стигнуваат вакцини од „Фајзер“

Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека кинеските вакцини во Македонија ќе пристигнат утре. Меѓу 5.000 и 7.000 вакцини на Фајзер ќе пристигнуваат секој понеделник во мај, односно вкупно 26.000. Филипче рече дека очекуваат информација за вакцини и од Ковакс-системот.

Во меѓувреме, српската премиерка Ана Брнабиќ соопшти дека Србија донирала дополнителни 13.000 вакцини „Спутник V“ за Македонија, наведувајќи дека досега на земјава ѝ се донирани вкупно 48.000 вакцини.

Во врска со ситуацијата со ковид-19 во државава, министерот Филипче посочи дека таа внимателно се следи и не се очекува зголемување на бројките на новозаболени.

„Кривата е веќе парабола и ја имитира онаа од ноември-декември, паѓаат бројките на новодијагностицирани, тоа се чувствува и во болниците каде притисокот се намалува и нема многу приеми и префрлања од една во друга здравствена институција како што беше случај во почетокот на април. На состанокот со верските лидери, тие земаа обврска да обезбедат редарска служба за спроведување на протоколите и секој настан да го организираат надвор, пред црквите и џамиите. Епидемиолошката ситуацијата тоа во моментот го дозволува“, истакна Филипче.

Според него, не е проблем излегувањето на граѓаните надвор особено сега кога времето е веќе топло и тоа го дозволува, но мерките мора да се почитуваат.

„Граѓаните мора да знаат дека имаат индивидуална одговорност и дека мора да ги почитуваат мерките“, рече Филипче.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, регистрирани се нови 447 случаи со ковид-19, 30 починати, 620 оздравени пациенти. На инфективните оддели во државава се лекуваат 1.334 пациенти со ковид-19, од кои 566 се во Скопје.

Вкупниот број ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 151.569, бројот на оздравени пациенти е 131.530, на починати е 4.772, а на активни случаи изнесува 15.267 од кои 6.883 се во Скопје.

Досега вакцина против ковид-19 примиле 55.926 граѓани, а за вакцинација се пријавени 207.332 граѓани.

To Top