Кацарска предложена за уставен судија


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Судијата Добрила Кацарска е предлог за нов уставен судија, откако судскиот совет едногласно ја поддржа за тоа.

Дванаесет членови на Советот гласаа „за“ без никаква дебата. Кацарска ја предложи Гордана Спиреска, нејзина колешка од скопска единица. Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев посочи дека Кацарска не била предложена поради партиско политички пазарења во советот, туку затоа што била професионалец.

„Беа во опција повеќе судии, меѓутоа на крајот анализите покажаа дека сепак Добрила Кацарска е пред останатите“, рече Здравев.

Предлогот, Судскиот совет го испраќа до Собранието. Пратениците треба да ја изберат за Уставен судија со просто мнозинство.

„Очекувам да помине. Бираме професионалец, а не политички определена личност и очекувам со сигурност да биде избрана“, додава Здравев.

Кацарска во Уставен треба да го замени судијата Владимир Стојановски кому мандатот му истече во април годинава. Инаку Добрила Кацарска во јавноста стана позната преку неколку судења изминативе годни. Таа му пресуди на Никола Груевски во „Тенк“. Го судеше случајот „Триста“ за набавката на возила за полицијата, но донесе и пресуди за организираниот упад во Собранието на 27 – ми април, каде ги осуди Митко Чавков, Игор Југ, Александар Василевски – Нинџа и останатите.