Каква е врската помеѓу климатските промени и цената на пивото?


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Научниците соопштуваат дека под влијание на интензивираните климатски промени, кои резултираат со зачестени топлински бранови и суши, се намалува плодородноста на јачменот, а со тоа и производството на пиво. Намалениот јачменов род ќе резултира со зголемување на цената на пивот.

Јачменот е многу чувствителен на сушата и горештините и неговиот род ќе опадне доколку продолжат климатските промени, што ќе доведе до недостиг на пиво и раст на неговата цена, се наведува во студијата објавена во магазинот Nature Plants.

„Целта на оваа студија не е да ги поттикне луѓето денес што повеќе да пијат“, вели Дабо Гван, професор по економија на климатските промени на Универзитетот Ист Англиа во Норвич.

„Сакавме да покажеме дека климатските промени може да влијаат врз квалитетот на животот. Ако не сакаме тоа да се случи, ако и натаму сакате да испиете пиво или две, единствен начин е заедно да работиме во борбата против климатските промени“, апелира Гван.

Само јачменот со најдобар квалитет (помалку од 20 отсто од вкупното глобално производство) се користи за пиво. Со остатокот се храни добитокот.

Ако глобалното загревање продолжи со ова темпо, екстремните горештини и сушите ќе ги зафатат регионите во кои се одгледува јачмен барем еднаш годишно. Тоа ќе доведе до пад на производството на пиво за 16 отсто.

Цените во просек ќе се удвојат, се вели во студијата.

Според најоптимистичното сценарио, со моменталното значително намалување на емисијата на стакленички гасови, глобалното производство на пиво би паднало за четири отсто, а цените би пораснале за 15 отсто.

Некои земји би биле посебно погодени, се вели во студијата, вклучително европските земји, САД, Нов Зеланд и Австралија.

Најголеми светски извозници на јачмен се Австралија, Франција, Русија, Украина и Аргентина. Најголеми увозници се Кина, Саудиска Арабија, Иран, Холандија, Белгија и Јапонија.