Извозот на јагниња поради ситуацијата со коронавирусот им задава маки на сточарите од Дебар и Центар Жупа


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Сточарите од општините во кои е прогласена кризна состојба поради ескалацијата на епидемијата на коронавирусот, Дебар, и Центар Жупа, се загрижени што ќе се случи со извозот на јагнињата поради новонастанатата ситуација, пренесува Фактор.

Ги плаши целата ситуација околу ширење на заразата, рестрикции и затворање на граници, а македонското јагне најчесто се извезува за Италија, земја која е најпогодена од вирусот. По Италија, Хрватска и Грција важеа за земји кои го бараат македонското јагне.

Скендер Аме од Здружението на сточари Даши од Дебар вели дека во двете општини имаат околу 30.000 јагниња, од кои 20.000 треба да се продадат.

„Цела зима сточарите даваат, сега треба да земаат пари од она што го сработеле, да купуваат репроматеријали. Не знаеме што ќе се случува. За недела дека би требало да се случи шпицот со извозот на јагниња, а истиот треба да заврши за 20 дена“, вели Аме.

Додава дека дел од овчарите во регионот на Дебар и Центар Жупа се при крај со резервите на храна за добитокот, или пак овчарите им заминале, а по затворање на границите не можеле да се вратат назад.

Во Дебарско има околу 120 сточари, кои имаат 40.000 грла овци.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ја следи состојбата со појавата на вирусот КОВИД 19 во нашата земја и влијанието врз земјоделството.

„Во тој контекст, знаеме дека за околу 10-тина е шпицот за извозот на македонското јагне на странските пазари и дека Италија е еден од клучните наши увозници на јагне. Со оглед на случувањата во Италија со вирусоткорона, доколку не може во оваа земја да се направи извоз, веќе разговараме и сме во комуникација со компаниите за барање на алтернативни пазари за извоз на македонското јагне. Нашата намера како ресорно министерство е јагнето да биде извезено, и ќе ги направиме сите обиди доколку не може во Италија нашето јагне да се извезе во други земји. Транспортот на стока не е забранет и ќе се одвива под посебни безбедносни протоколи. Но, со оглед на тоа дека не можеме да предвидиме што ќе се случува со ширењето на вирусот корона, какви мерки ќе преземаат останатите држави, доколку се случи да не се реализира целосно извозот, МЗШВ со соодветни мерки ќе им помогне на сточарите да ги покријат загубите, коишто секако ќе бидат донесени заеднички и во комуникација со сточарите и откупувачите на јагне. МЗШВ апелира до сите земјоделци, да ја имаат во предвид моменталната состојба со ширењето на вирусот КОВИД 19 во нашата држава и последиците што би можело да ги има земјоделството“, одговараат од МЗШВ.

Велат дека ќе бидат во постојана комуникација со сите земјоделци и стопанственици од агросекторот, со цел навреме да се носат мерки и да не трпат загуби.