Излезност од 34,8% до 13 часот – МВР извести за помали инциденти


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


До 13 часот одѕивот од гласањето на денешните предвремени парламентарни избори е 34,86 проценти од обработени 3.300 од вкупно 3.524 избирачки места, соопшти на прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Чичаковски.

На гласање до 13 часот излегле 581.899  од вкупно запишаните 1.784.416 граѓани во Избирачкиот список.  Излезноста во првата Изборна единица е  38,35 проценти, во ИЕ 2 е  33,67 проценти, во ИЕ 3 е 38,67 проценти, во ИЕ 4 е  39,13 проценти, во ИЕ 5  е  33,55 проценти, а во ИЕ 6 одѕивот е  23,85  проценти.

Според  портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска, до ДИК се  поднесени  20-ина приговори, а  досега разгледаните се од граѓани кои се пожалиле дека ги немало на Избирачкиот список. Од досега разгледаните приговори е утврдено дека овие граѓани биле на списокот со спорни гласачи и не поднеле  барање за пријавување во предвидениот рок, појасни Гугучевска.

На бесплатната телфонска линија 080 080 080 и на neregulranosti.most.org.mk 15 граѓани пријавија дека не може да се пронајдат во Избирачкиот список.

Од отворањето на гласачките места до 13 часот нема поголеми инциденти, но регистрирани се низа помали инциденти во кои соодветно е реагирано, информира на прес конференција Јордан Ламановски, помошни министер за односи со јавност.

Лицето З.Д. (37) е приведено поради фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон на гласачкото место во училиштето „Кочо Рацин“ во скопската општина Ѓорче Петров. Поради овој случај гласањето на ова место било во прекин од 8:25 до 8:35 часот. Случај на фотографирање на гласачкото ливче има и во Валандово. Околу 9 часот на гласачкото место во Кино Валандово З.П. откакко гласал го фотографирал ливчето и заминал. Полициски службеници излегле на лице место и се работи на расчистување на случајот.

Во скопската општина Чаир е приведено лице на чие возило на местото на регистерските таблици биле испишани пароли да се гласа за една политичка партија.

На избирачкото место во село Здуње- Гостивар Ј.С., вработен во МВР се појавил на избирачкото место во својство на контролор на една политичка партија. Во општинската изборна комисија имало решение за негово ангажирање како контролор, но откако на избирачкото место настанал проблем, истиот бил отстранет и отстранувањето било нотирано во записникот. Веднаш е ангажиран и Одделот за внатрепшна контрола и професионални стандарди за проверка на случајот.

Во Одделот за внатрешна контрола , криминалистички истраги и професионални стандарди примено е и известување дека на избирачко место во село Долно Седларци- Општина Брвеница, И. Т., вработен во СВР Тетово кој е одреден за обезбедување на избирачкото место, агитирал гласачите да гласаат за одредена политичка партија. Се работи на расчистување на случајот.

Полициски службеник, кој не бил на работа, пријавил дека на неговиот мобилен телефонски број му се јавило женско лице кое се претставило како колешка, и му рекла зошто се јавувал на 192 и со закана „нека му ја мисли“ ако победи нејзината партија.

– Сакам да потенцирам дека злоупотребите од страна на вработени во МВР, доколку се докажат, најстрого ќе бидат санкционирани, рече Ламановски на прес конференцијата.

На избирачкото место во ОУ „Јосип Броз“ дошло лицето М.Л. кое било под дејство на алкохол и се претставило како набљудувач, не дозволувајќи им на граѓаните да гласаат. Претседателот на избирачкиот одбор побарал асистенција од полицијата и ова лице е приведено. Извршен му е алкотест и утврдено присуство на алкохол од 3.6 промили. Лицето ќе биде задржано воПС до неговото отрезнување.

Во скопската општина Шуто Оризари, диви таксисти со 14 патнички моторни возила превезувале гласачи до избирачки места и притоа вршеле агитација. Во истата општина во ОУ „Браќа Рамиз“ во ходникот од училиштето низ кој се оди до гласачките места група од 5-6 лица на гласачите што се движеле по ходникот им сугерирале да заокружат реден број на гласачкото ливче.

Во истата општина забележани се две возила без регистерски таблици со обележја на вратите од Дирекција на заштита и спасување, кои во повеќе наврати носеле гласачи до гласачките места.

Во село Нова Колонија во ОУ „Петар Петровиќ Његош“ во училишниот двор имало три машки лица со шалови и партиски обележја на политичка партија кои ги пречекувале лицата што доаѓале на гласање и им сугерирале за кого да гласаат.

Возило „хамер“ црна боја, во 08,30 часот било забележано во с.Брест, а лицата од возилото делеле пари на граѓани. По ова, истото возило е забележано во нас.Бутел. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Ламановски рече дека е добиена и пријава дека околу пазарот во Ѓорче Петров во повеќе наврати поминувало возило Сеат Леон, а лицата кои биле во возилото агитирале околу изборите и гласањето.

Исто така, лице од Хелсиншки комитет пријавило дека на ул. Боте Боцевски пред избирачкото место стоеле неколку лица кои нуделе по 1000 денари на лица од ромска националност да гласаат за одредена политичка партија.

Во село Драчево, комбе со бела боја превезува гласачи, а има информации и дека се нудат по 1000 денари за гласање за одредена политичка партија, информираат од МВР.