Изјава на сведок за Дива населба: Соколи командуваше, Фејзулаху криеше лица во црни униформи


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Со жестоки реакции на обвинетите продолжи судскиот процес за случајот “Дива населба” во кој на 37 обвинети им се суди за тероризам и терористичка организација.

Причина за краткиот бунт во судницата кој за момент ја крена на нозе и полицијата, а заврши со опомени од судијката дека ако обвинетите продолжат со викање и непочитување на редот во судницата, ќе бидат отстранети, беше исказ на сведок даден во истрага во кој тој открива комуникација на обвинетите со лица во црни униформи и нивно присуство во Куманово пред и за време на терористичките напади.

Сведокот Шабан Јашари од Куманово на 10 ти мај, 2015 во Обвинителството за организиран криминал пред обвинител раскажал дека луѓето во црни униформи неколку дена пред да се случат нападите во кумановската Дива населба престојувале во куќата на обвинетиот Фадил Фејзулаху кој бил негов сосед, а обвинетиот Сами Укшими попознат како командант Соколи дошол кај него на врата со уште двајца во црни униформи и пиел кафе.

Обвинетите и нивните бранители немаа можност да го чујат ова во судница, ниту да му постават прашање на сведокот оти како што извести судијката, тој бил во странство. Исказот на сведокот кој се наоѓа во папката со докази кои Обвинителството ги има против обвинетите на судското рочиште го прочита обвинителот. Според исказот на сведокот, луѓе во црни униформи имало во куќата на Фадил кој му кажал дека се од УЧК.

Згрешив што не го пријавив нивното присуство. Околу 5 часот почнаа пукотниците, а ние излеговме надвор. Се слушаа и експлозии. Сами Ушкини им даваше команди и се појави кај мене на врата со двајца во црни униформи и побара кафе. Откако си замина, ја подотворив вратата и видов мртво тело во дворот. Се исплашив и се вратив назад. Во еден момент на покривот на куќата на Фадил видов полицаец кој зборуваше македонски. Тој рече: Не пукајте, има и цивили. Тогаш си помислив, добро е спасени сме, читаше обвинителот.

Адвокатите и обвинетите побараа во судница да се гледа снимката од сослушувањето на овој сведок. Според адвокатите, сведочењето на Јашари без заклетва направило законска повреда и побараа исказот да не биде прифатен како доказ. Судијката го одби предлогот. Следното рочиште закажано за понеделник ќе продолжи со докази на одбраната. Во терористичките напади на 9 ти и 10 мај 2015 загинаа 8-мина припадници на МВР, а околу 40-тина беа повредени.