Индивидуална слобода како услов за формирање на стабилни и трајни односи во семејството


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Со формирање на семејство стануваме дел од една нова заедница и се поврзуваме со луѓето околу нас на посебен начин, стануваме поблиски преку формирање на посебни врски. Тие луѓе стануваат главниот дел од нашиот живот и нашето секојдневие. Иако сме индивидуи понекогаш можеме незабележително да се поврземе со членовите од семејството и повеќе од потребното.

Нездрав однос може да се случи со партнерот. Поради љубовта и посесивноста која се јавува во текот на врската или бракот може да се загрози индивидуалната слобода на еден од поединците или пак тоа да се случи двонасочно. Секој човек има сопствени потреби, желби, интереси, мислења и сфаќања. Со самото тоа потребно е на прво место разбирање за одредени разлики кои постојат меѓу луѓето. Па при формирање на одредена било каква врска со друга индивидуа потребно е да се сфати дека таа е различна од нас и да не се бара по секоја цена да се поклопат различностите. Наметнување на сопствени интереси и мислења, особено на партнерите, формира одреден притисок во односот. Доколку една личност е свесна за својата вредност, индивидуалност, која е таа и што сака во животот, се јавува независност, разбирање и не постои потреба за наметнување или посесивно приврзување со други луѓе.

Реализацијата во секоја сфера од животот ја изградува личноста, ја зацврстува нејзината индивидуалност и помага да и се подигне самодовербата и свесноста за сопствената вреднсот. Тоа се постигнува така што е потребно да пронајде што ја исполнува во животот. Со надоградување и работа на самиот себе, на човекот му се отвараат нови лавиринти во животот, обврски, но и задоволства на кои е потребно да работи, да вложи време и труд. На тој начин личноста го исполнува својот живот и разбира што значи индивидуална слобода. Дознава дека како што таа му е потребна нему за животот да му е поубав, така истата е потребна и на другите личности во неговиот живот за остварување на своите сопствени цели, интереси и задоволства. Со самото разбирање на туѓите потреби и разлики се случува допуштање на другата личност, а исто така учиме како да ја вреднуваме сопствената потреба за индивидуалност.

Извадок од студентското списание VOX

Ивана Саздовска,

Институт за семејни студии, Филозофски факултет