Актуелно

И денес нема да има возови: Продолжува штрајкот на Македонски железници

Македонски железници Транспорт и Инфраструктура го продолжуваат бојкотот на железничкиот сообраќај. Возовите нема да сообраќаат ни денеска, иако се очекува преговорите со раководството на Македонски железници околу исплатата на заостанатата декемвриска и јануарската плата, да почнат денеска.

МЖ Транспорт во петокот ја добиле втората половина од декемвриската плата, додека МЖ Инфраструктура не. Марјан Ристески од синдикатот на МЖ Инфраструктура вели дека во штрајкот остануваат обединети тие со и тие без втората половинка од декемвриската плата и оти нема да се слушне сирена на воз додека компанијата не ги исполни обврските за плата во целост.

Што треба, секој месец ние да штрајкуваме за да добиеме плата? Не попуштаме. Бојкотот на железничкиот сообраќај продолжува. Очекуваме денеска да се договориме со раководството. Владата, односно Министерството за транспорт вели дека префрлило средства, банките денеска работат, компанијата може да ни ги префрли заостанатите плати, вели Ристески.

Во двата сектора, кои се во бојкот, има вкупно околу 2.600 вработени. Тие велат дека не се плашат од откази, бидејќи ако бидат избркани од работа, нема кој да ги замени. Ристески објаснува дека за оваа специфична работа во железничкиот сообраќај, сите имаат поминато посебна обука, полагале испити пред посебна комисија, ги имаат потребните квалификации и сертификати за работа, што не може ад хок да се обезбедат преку ноќ.

Последен пат овие вработени редовно биле исплаќани за време на мигрантската криза, кога раководството дневно собирало вреќи пари, раскажуваат вработените.

Од купените вкупно шест нови кинески возови, четири се склопени, но се во гаражите, велат соговорниците. Уште два се во процес на склопување.

To Top