Холандската полиција го уапси напаѓачот кој го изврши нападот на трамвај во Утрехт

Холандските полициски служби објавија дека го уапсиле лицето кое вчера отвори оган на трамвај во Утрехт, напад во кој загинаа 3 лица, а повеќе беа повредени.

Напаѓачот уште претходно беше идентификуван како 37-годишник со турско потекло Гекман Танис.

Точниот мотив за нападот уште не е познат. Холандскиот јавен обвинител кажа дека мотивот за нападот во Утрехт може да се „семејни причини“.

Тоа претходно го јави и турската агенција Анадолија која јави дека Танис пукал во своја роднина од „семејни причини“, а потоа пукал и во другите кои ѝ притрчале на помош.

Полицијата најпрво објави дека се разгледува можниот терористички мотив за нападот, а подоцна беше соопштено дека се истражува и личниот мотив.

Како што јавуваат холандските медиуми, осомничениот има поголемо полициско досие и, меѓу другото, бил осуден и за обид за убиство. Во моментов е обвинет за силување.

Антитерористичката агенција НЦТВ наведе дека сѐ уште не е исклучено во заднината на нападот да стои тероризам.

Највисокото ниво на опасност од терористичка закана во покраината Утрехт беше укината по апсењето на Танис, а претходно беше повлечено и предупредувањето на граѓаните на Утрехт да не излегуваат од дома.