Хилбрес: Ќе се залагам Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и натаму да дава силна поддршка за Македонија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Претставувајќи ја Конституенцата на којашто припаѓа Македонија ќе се залагам Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и натаму да дава силна поддршка за вашата земја, во спроведувањето на реформите и во активностите за надминување на актуелната криза којашто е глобален предизвик, истакна новиот извршен директор во ММФ, Пол Хилберс – член на Извршниот одбор на ММФ и задолжен за нашата земја, на првиот состанок со раководството на Народната банка, по започнување на неговиот мандат.

На видеоконференцискиот состанок, информираат од НБ, Хилберс рече дека е уверен оти Народната банка ќе продолжи да придонесува за успешната соработка и комуникација помеѓу Македонија и ММФ, а во тој контекст, потенцира, и за остварување на залагањата на Конституенцата.

-Независноста, професионализмот и високите стандарди во работењето на централната банка се клучни за ММФ, особено за оценувањето на економијата. Од нив, во голема мера зависи и поддршката што ММФ ја дава за секоја земја-членка. Во последните неколку месеци, вашата централна банка докажа дека може да работи во согласност со високите меѓународни стандарди и добрите глобални практики, и потребно е да остане на веќе трасираната патека, нагласи извршниот директор во ММФ.

Коментирајќи ги актуелните околности со ковид-кризата, посочи дека е од исклучителна важност што во севкупниот период се одржува финансиската стабилност во земјата, а истовремено се спроведува и соодветна монетарна политика.

-Независната централна банка е гарант и на финансиската и на макроекономската стабилност, а тоа е од есенцијално значење за оцената на ММФ, истакна Хилберс.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ја истакна важноста на соработката со ММФ за економијата во целина и дека во тој контекст, особено се значајни залагањата на Конституенцата на којашто припаѓа нашата земја.

-Народната банка во рамки на својот мандат, како и досега ќе го дава максимумот. Постојано ги следиме трендовите и потенцијалните ризици од контекстот на актуелната глобална криза, заради соодветна реакција, доколку тоа е потребно заради ублажување на ефектите врз економијата. Тоа дополнително ја засилува потребата од комуникација и соработка со ММФ, при што особено е значајна улогата на Конституенцата, посочи Ангеловска-Бежоска.

На состанокот се разговараше и за најновите видувања на ММФ за македонската економија. ММФ очекува економската активност да закрепне во текот на следната година, но дека вториот бран на пандемијата претставува ризик за интензитетот на закрепнувањето.