Актуелно

Големите држави ги зедоа парите: Ни требаат милијарда и 200 милиони, најдовме само 600 милиони

Првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, во интервјуто кое го даде за „Утрински брифинг“, одговори на критиките насочени кон предложениот пакет мерки од нивна страна. Заев порача дека државата ќе мора да крати многу државни трошоци ако сакаме да ја надминеме оваа криза поради корона вирусот, пренесува Независен.

„Ни фали милијарда евра за да ги покриеме штетите. Баравме милијарда и 200 милиони евра, а најдовме само 600 милиони. Големите држави ги зедоа парите и сега нема ефтини кредити.Затоа треба да кратиме од трошоците. Колку побрзо ги скратиме непродуктивните трошоци толку побрзо ќе излеземе од тешката криза. Се надевам дека ќе бидеме мудри и храбри зошто, не дај боже да треба да кратиме од здравствените трошоци. Тоа ќе значи дека нема да се лечиме. Треба да функционира и полицијата, војската“, порача Заев.

Тој тврдеше дека кратењето е најголемо кај најбогатите, односно тие што имаат најголеми плати, а најмало кај тие со најмалите плати. Тој ги пофали Комерцијална банка, Халк банка, Алкалоид и други компании кои покажале општествена одговорност и почнале масовно да ги уплаќаат даноците на приходите.Солидарност ни треба мој народе, побогатите ќе платат повеќе, порача Заев околу поплаките дека радикално се намалени платите на јавната администрација.

„Ако не направиме рационализација внатре нема да ни биде лесно и тоа ќе трае подолго. Најбогатите треба да го понесат најголемиот товар, затоа кратењето е таму најголемо. Предложено е во време кога најмалку три месеци ќе бидат одложени наплатите на кредитите, работата на извршителите… А компаниите кои профитираа во минатото сега ќе треба да го понесат најголемиот товар. Очекувам богатите да си ги авансираат своите давачки кон државата, да бркнат во џебот и да постапат солидарно. Кога ќе ги враќаме кредитите, секако дека побогатите и посилните ќе плаќаат повеќе. Тие што отпуштиле работници нема да добијат поддршка од државата. Мора да го сочуваме секое работно место“, потенцираше лидерот на СДСМ.

За да илустрира колку кратења се потребни за да се извадиме од кризата Заев ја објасни состојбата со буџетот на државата.

„Приходите на државата паднаа драстично. Се очекува почетокот на април да бидат меѓу 30-40 отсто, значи ќе фалат околу 60 отсто од приходите. Граѓаните се дома и не трошат, не работат објектите, транспортот е преполовен, не движиме, не се плаќаат ниту сметки. Голем дел на производсвените капацитети се затворени или хибернираат, затоа не се плаќа и данок кон државата. И ако за тоа не го подготвиме нашиот народ, тогаш сме голи популисти и само бркаме политички поени. Кратењето мора да се случува од секаде затоа што 60 отсто немање приход значи недостаток да ги финансираме сите расходи. И да најдеме други пари, пак мора да кратиме од дома. И да се шири гол популизам не е во ред. Големите земји ги земаа парите и сега има се помалку пари. Се надевам дека ќе најдеме евтини пари, но треба чесно да кажеме дека мора да кратиме. Колку побрзо носиме храбри одлуки за солидарност, толку побрзо ќе излеземе од тешката економска криза“, изјави Заев.

Според него, погрешно е што неговата изјава за платите во администрацијата била извадена од контекст, а мерките кои неодамна ги предложил доаѓаат од СДСМ до Владата и не значи дека Владата ќе ги прифати сите.

„Таа треба да ги слушне мерките од сите партии и од експертите. Излегов да соопштам мерки кои значат и мерки за штедење. Владата веќе неколку дена дискутира. Верувам дека нема се да биде прифатено. Ние работевме со многу експерти за да можеме да ги предложиме овие мерки, но Владата е таа која што ќе донесе одлуки. Популистите и оние кои бркаат политички поени ги отфрлаат овие мерки. Но некој треба да води грижа за државата. И ние се бориме на пазарот на гласови, да го заслужиме нивниот глас, но кога доаѓа тешко време некој треба да ги соопшти и тие непопуларни мерки. Жалам што дебатата се насочи кон намалувањето на платите на администрацијата. Главниот пакет беше како да и се помогне на економијата. Самиот пакет мерки се заснова на кратењето на непродуктивните трошоци на Владата. Првиот чекор е кратењето на непродуктивните трошења, вториот е заштеда преку огромните трошоци кои одат на плата. Верувам дека ако ваквите солидарни мерки се прифатат, поспремно ќе се справиме со кризата“, вели Заев.

Advertisements
To Top