ГОБ Осми септември: Како тргнало, ќе ја затвориме цела болница

Градската општа болница 8 Септември од први следниот месец ќе работи само со три хируршки сали, место со седум. Хируршките сали се затвораат, бидејќи болницата подолго време кубури со медицински сестри инструментарки. Кон крајот на минатата година менаџментот на болницата одлучи да ја затвори салата за дигестивна и општа хирургија, токму поради овој проблем, а беше намален и капацитетот на дигестивното и одделението за пулмологија, пренесува порталот СакамДаКажам.

Како што тргнала работата се ќе затвориме, и на крај и болницата ќе ја затвориме. Причината е што немаме медицински сестри. Во моментов имаме 46 доктори, 14 анестезиолози и само пет инструментарки. Дел од медицинските сестри заминаа да работат во приватни здравствени установи, а дел се на боледување. Меѓу нив имаме и жени кои се со малигни заболувања. Овие пет што ги имаме едноставно не можат да постигнат“, вели професор доктор Сашо Стојчев, директор на ГОБ Осми септември.

Тој објаснува дека хируршките одделенија, без оглед за која специјалност станува збор, претходно пет дена во неделата имале сала, односно имале операции. Лани во декември бројот на денови кога се оперира беше намален на четири, а сега ќе се намали на три.

Во моментов имаме десет лежечки пациенти на хирургија, кои чекаат операција. Ќе им се извиниме и ќе ги пратиме дома, оти немаме услови за работа. За викенди задолжително имаме работа, оти се санираат тешки политрауми. Така викендов имавме пациент од сообраќајка со тешка политраума и операцијата траеше цела ноќ. Со ваков обем на работа, а без средномедицински кадар не можеме да работиме, вели Стојчев.

Проблемот со недостиг на медицински сестри, менаџментот на болницата очекуваше да се реши со огласот за вработување на 60 нови сестри, но тој кон крајот на годината тој бече поништен. Стојчев вели дека огласот го поништат, бидејќи од Министерството за здравство навреме не го добиле потребните тестови шаблони за оценка на пријавените кандидати. Тој објаснува дека според законските одредби за прием на средномедицински кадар, освен просек според степен на образование, медицинските сестри треба да полагаат и тест за стручно знаење.

Тестирањето не можевме да го реализираме, оти не ги добивме шаблоните, а од први јануари годинава истече и финансиската согласност за вработување на 60 медицински сестри. На огласот за 60 работни места се пријавија 193 кандидати. Но за жал ниту сега нема решение на проблемот. Која Влада сега ќе даде нова финансиска согласност за вработување на медицински сестри, прашува Стојчев.