Германскиот кардинал и полскиот бискуп се извинија за прикривањето на сексуална злоупотреба на деца


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


„Се срамам“, изјави германскиот кардинал Рајнхард Маркс во Фулда, на претставувањето на студијата за илјадниците случаи на сексуална злоупотреба извршени од свештени лица, изработена по налог на црквата.

Оваа горка тема ни оддалеку не е затворена, жртвите не наишле на потребно разбирање, случаите се прикривани, негирани, се гледало настрана, потенцираше минхенскиот надбискуп.

Објавувањето на истражувањето на сексуалните престапи во католичката црква е „важен ден во историјата на црквата во Германија, можеби преломен момент за сѐ што треба да биде земено во обѕир и направено во иднина. Станува збор за приказна за вина која не смее да биде потиснувана“, рече кардиналот Маркс.

Студијата со наслов „Сексуална злоупотреба на малолетници од страна на католички свештеници и останати вработени машки лица во Германската бискупска конференција“ треба да даде увид во размерите на сексуланото злоставување на деца во католичката црква и да укаже на структурните недостатоци кои воделе кон масовната појава, разоткриена во 2010. година. Експертите, истражувајќи ги актите од 1946. до 2014. година, наишле на обвинувања за сметка на 1.670 црковни лица и 3.677 жртви.

И полскиот бискуп на Варшава-Прага, една од двете бискупии на полскиот главен град, Ромуалд Камински, се извини поради сексуалното вознемирување деца во полската католичка црква.

„Ќе ги заштитиме децата и младите во секој момент и секаде“, рекол тој. „За мене тоа е приоритет. Сакам да се извинам и ќе направам сè за жртвите да можат сигурно да се вратат во црковната заедница и повторно да изградиме доверба во нив“, додал Камински.

Тој рекол дека во неговата бискупија во последните 26 години се случиле 12 случаи на силување малолетници. Десет случаи се потврдени, од кои некои се однесуваат на деца на возраст меѓу 15 и 18 години. Во три случаи злоупотребувачите се предадени на правосудните органи. Двајца од нив се осудени.