Галичица – царштина меѓу двете големи Води


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Ако некогаш решите да го направите и вие вашето ходочастие и поклонение на прекрасната и масивна Галичица, која својата царштина ја распослала меѓу двете езерски гордости на Македонија – Охридското и Преспанското езеро, наш предлог, како што тоа го направивме ние на нашиот аџилак по овие падини, е тоа да биде од превојот Галичица, кој ги поврзува охридската и преспанската страна.

1

Кинисот е од кај оваа инфо-табла…времето на почетоната точка ни се погоди ветровито, но сончево и пријатно. Сепак, тоа беше своевидна најава за „журката од ветер“ која не очекуваше горе, а за која не ни претпоставуваме дека ќе биде толку интензивна и жестока.

2Нагоре, низ шумата и буковиот појас – иницијацијата во планината е секогаш ново искуство…планинскиот пречек е перманентна непостојаност, секогаш ново изненадување.

3

После напуштањето на шумскиот предел и неговите пријатни патеки, се упатуваме кон отворените и пространи широчини на падините од Галичица.

4Галичица – дива, отворена, горда и торжествена

5

А оттаму и „поглед од милион долари“ – Охридско езеро, раскошна синевина која возбудено трепери под закрилата на Галичица и Јабланица од другата страна.

6Царштина вгордеана меѓу двете Води – онтолошка љубов меѓу Охридско, Гала и Преспанско…чудесија

7Моќта на камениот извис и карпестиот восторг

8

Облачниот танц дополнително го зачини и збогати неопишливиот панорамски опул на охридските води од оваа висина – сцени кои не ги збира сите одеднаш во зениците.

9

А горе не пречека и замрзнатата слана, доказ дека правилата на природата ги пишува самата таа и ние сме само играчки кои не можеме ништо друго освен да ги почитуваме и да се водиме според нив…барем кога сме на „нејзин терен“.

10

По пешачење и искачување од околу 1 час и 40-тина минути, со паузи за мерачење, и со квалитетна борба со силниот ветер кој како што накачувавме нагоре сè повеќе засилуваше – визуелен контакт со врвот Магаро (2.255 метри надморска висина), највисоката точка на македонската страна од Галичица.

11Едната половина од екипата на Магаро

12Ветрот не ни дозволи долго да уживаме на врвот, па брзо заинуваме надолу – Галичица импресивна

13Глетка која ниту преку фотографија не може доволно да се долови, а камоли да се опише – ова се доживува таму, непосредно и „во живо“

14Пристигнување на појдовната точка – превојот Галичица

15

А охридската синевина дразни и предизвикува. Задоволни од авантурата и планинарењето, решаваме малку да се дружиме и со езерските води. После студените искуства со ладниот ветер, есенските води на езерото претпоставуваме дека ќе ни се чинат доволно топли за да уживаме и во раноесенското пливање во езерската бистрина. Долу Трпејца удобно скрасена над езерото.

16Раскошен поглед кон охридската страна на езерото од видиковецот на Коритски рид (1.421 м.н.в.) – панорама која ги полни очите

17Мал одмор на месноста Корита – вода која го закрепнува телото и освежува духот

18Па спуст и правец во Трпејца

19И оттука кон Чоколско и дивите плажи – интимен рај на охридските брегови

20Уживајќи во попатните езерски дразби со тиркизна боја

21И убави глетки кон Трпејца и околината

22За да стигнеме до дивиот рај под карпестите тераси на Чоколско – плажа со бистри води кои предизвикуваат со својата јарки бои

23Допирот со слатките охридски води – секогаш нова радост, нова импресија, ново искуство и уживање

24

После разладувањето во езерското синило кое чудесно ги прекршуваше и рефлектираше топлите зраци на есенското сонце, пливање во брановите и уживање во езерската гласна тишина која ги облагородува зафрлените делови на брегот, доаѓа ред да се заврши авантурата на и под Галичица. Тура и искуство срдечно препорачани, за сите оние кои обожаваат да уживаат во природните убавини кои ни се на дофат.

Текст и фотографии: Александар Војнески