Home Актуелно Freedom House: Македонија со најнискo ниво на демократија во регионот

Freedom House: Македонија со најнискo ниво на демократија во регионот

Во извештајот на Freedom House насловен „Земји во транзиција“, Македонија се наоѓа во групата земји со хибриден режим. Во оваа група од регионов се уште Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.

Oваа година Македонија бележи пад во сите категории, вклучувајќи ги демократското владеење, изборниот процес, независност на судството, каде се истакнува политичкото влијание врз судовите и пречките врз Специјалното јавно обвинителство.

Кај демократското владеење падот е од 4.75 на 5.00 заради натамошната ескалација на политичката криза предизвикана од аболициите на претседателот, недостатокот на политички дијалог и контроверзното и конфликтно функционирање на државните политички институции.

Во однос на изборниот процес падот е од 3.75 на 4.00 како резултат на повеќекратното одлагање на парламентарните избори и изборните нерегуларности и покрај законските измени и активности, предвидени со политичкиот договор од Пржино.

Пад од 4.50 на 4.75 има и кај судството, а причината е во зголеменото политичко влијание врз судството, за што како пример се наведуваат пречките во работењето на Специјалното јавно обвинителство.

Неказнивоста во случаи на корупција на високо ниво доведе до пад кај борбата против корупцијата од 4.50 на 4.75, па вкупниот резултат за демократијата во Македонија падна од 4.29 колку што беше претходната година, на 4.43. Највисоката оценка за демократските процеси е 1, а најниската е 7.

„Поради неказнивост во случаи од висок профил, корпуцијата е поприсутна отколку што претходно се мислеше“, стои во извештајот на „Freedom House“.

„Политичката поларизација меѓу владата и опозицијата стана поизразена откако владејачката политичка елита се бори да остане на власт. Дејствијата на владејачката партија и политичката клима во целост ги спречи спроведувањето на итните демократски приоритети барани од страна на Европската унија (ЕУ). Потребни се значителни реформи за да се врати земјата назад на патот на демократизацијата“, се вели во извештајот.

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Актуелно
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…