Филипче порача дека засега нема нови рестриктивни мерки – апелираше граѓаните да не прават домашни слави и други групирања


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Првиот човек на македонското здравство, министерот Венко Филипче денеска изјави дека на состанокот на Комисијата за заразни болести не е заземен став да се препорачаат нови рестриктивни мерки поради состојбите со ковид-19, но рече дека од Комисијата апелираат граѓаните да се вакцинираат и да ема собирања на семејни прослави и разни други групирања бидејќи вирусот така најлесно се шири.

Во однос на вакцинацијата против грипот која започна денеска, Филипче рече дека нема ризик доколку во исто време се примат вакцини и против ковид-19 и против грипот, независно дали се работи за прва, втора или трета доза на вакцината против ковид-19.

„Засега нема да има препорака за некои нови рестриктивни мерки, апсолутно сметаме дека овие се сосема доволни со тоа што треба да се почитуваат“, рече Филипче и повтори дека носењето маски, држењето дистанцата, честото миење раце и вакцинирањето се основните принципи на кои се темелат сите мерки во борбата со пандемијата.

Според него, ниедна земја не може во целост да ја контролира епидемијата, но дека со почитување на мерките и протоколите, базирани и на совеста на секој поединец, можно е да се воспостави контрола на ширењето на вирусот.

„Тука е државата со своите институции да контролира таму каде може, но апсолутно граѓаните мора да се совесни“, изјави Филипче и оцени дека мерките во Македонија се отприлика еднакви на мерките што се преземаат во други земји.

Филипче повтори дека излезот од кризата е во масовна имунизираност на населението преку вакцинирање, но и предупреди дека наредните месеци носат голем ризик бидејќи населението главно ќе биде во затворени простории.

„Доаѓаат семејни слави и апелирам граѓаните и оваа година како и претходните, ако можат да не ги организираат или да ги организираат во помал семеен круг. Сепак такви поголеми собири каде не се почитуваат мерките се ризик за епидемиолошката состојба да се влоши“, рече министерот.

Зпоред проценките на здравствените власти, како што рече, намален е процентот на луѓе кои се хоспитализираат од вкупниот број на нови дијагностицирани, споредено со претходните бранови кога тој процент бил околу десет, а сега е некаде меѓу пет и шест отсто.

Филипче нагласи дека во моментов ковид-центрите се оптоварени главно со невакцинирани пациенти, зашто вакцинираните кои се заразиле во највисок процент имаат полесна клиничка слика. Тој изрази стравување дека поради нискиот процент на вакцинирано население можно е повторно да се преоптовари вкупниот здраствен систем, каков што е тоа случајот со болниците во земјите од регионот.

„Вирусот е многу непредвидлив и да, има нов сој, тоа значи дека ќе има некои нови карактеристики. Затоа, за тоа што се прави во регионот и какви се ефектите од тоа ќе дискутираме следната недела. Апсолутно ако има некаква мерка, што нас ќе ни помогне, ние тоа ќе го направиме“, рече министеротза здравство Венко Филипче.