„Фајненшл Тајмс“: Западен Балкан нервозен поради ставот на ЕУ за негов влез во унијата


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Веројатноста и шансите дека Европската Унија овој јуни ќе даде зелено светло за отпочнување преговори со Република Северна Македонија и Албанија за нивно влегување во европското семејство се несигурни по самитот во Берлин, поради што и двете други земји-аспиранти за членство во Европската Унија стануваат нервозни, пишува весникот „Фајненшл тајмс“.

Во статијата под наслов „Балкански соништа“ британскиот весник вели дека Скопје, Тирана и другите што сакаат да влезат во ЕУ внимателно посматраат дали ќе попуштат европските земји што се традиционално непријателски расположени кон ширење на Унијата, пренесува Мкд.мк.

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот, на самитот што го организираа во Берлин, навестија дека Северна Македонија и Албанија, како и Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, треба да остварат поголем напредок во реформите, вели ФТ.

Изнесувајќи го скептичниот став на Франција кон проширување на Унијата, Макрон рече дека Париз сака да види подобрувања во областа на владеењето на правото и безбедноста, економските и социјалните прашања, пишува весникот.

Како што е наведено, некои земји од ЕУ што се сè понаклонети кон западнобалканската шесторка сметаат дека овонеделниот самит на лидерите на Западен Балкан, Хрватска, Словенија, Франција, Германија, и ЕУ во Берлин беше грешка. Тие се особено загрижени поради негативната порака упатена до Владата на Македонија, „која презеде голем ризик со организирањето референдум за промена на името на државата заради решавање на долготрајниот спор со Атина“.

Дипломатите стравуваат, додава ФТ, и дека негативната одлука за почеток на разговорите за членство со Скопје и Тирана би можела да ги одврати балканските лидери од спроведувањето на клучните реформи и да ги зајакне руското и кинеското влијание во регионот, во кој расте политичката неизвесност.

Британскиот весник, исто така, забележува дека се зголемуваат територијалните тензии меѓу Србија и Косово, и додава дека претседателот на Косово, Хашим Тачи, неделава рече дека поделбите во рамките на Европската Унија и помеѓу европските земји и САД го зголемиле ризикот од обновување на етничките конфликти на Балканот.

Одлуката за почеток на преговорите со Скопје и Тирана минатата година беше одложена до завршувањето на изборите за Европскиот парламент, поради загриженоста на Франција, Данска и Холандија дека таквата одлука пред изборите би можело да придонесе за зајакнување на антиимигрантските, екстремнодесничарски партии.

Облаците над земјите што бараат членство во Унијата би можеле да се расчистат по изборите во Европскиот парламент, кои ќе се одржат од 23 до 26 мај, додава Фајненшл тајмс.