Европската унија му даде дозвола на Huawei за инсталирање 5G мрежа


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Под строго утврдени услови и правила од кои ќе им зависи лиценцата, кинескиот технолошки гигант Huawei доби дозвола од Европската унија за инсталирање на 5G мрежи на европските мобилни оператори. 

Европската Унија вчера, следејќи го примерот на Британија, им дозволи на своите членки да одлучат која улога кинеската компанија Huawei ќе ја има во телекомуникациските мрежи 5G и се спротивстави на притисокот на Вашингтон за целосна забрана.

Членките на ЕУ можат да ги ограничат или исклучат високо ризичните продавачи на 5G, како Huawei, од клучните делови на своите мрежи, според новите насоки, чија цел е отстранување на ризиците за сајбер безбедноста за 28-те членки на национално и на ниво на блокот, јавува Ројтерс.

Британија во вторникот му даде ограничена улога на Huawei во својата мобилна мрежа 5G, поткопувајќи го обидот на САД да го исклучи кинескиот гигант од следната генерација на западните комуникации.

Huawei е најголемиот светски произведувач на телекомуникациска опрема, и е конкурент на шведски Ериксон и финска Нокиа.

САД сакаат светот да му го забрани учеството на Huawei во мрежите 5G од страв дека Кина може да ја употреби неговата опрема за шпионирање, што компанијата категорично го отфрла. ЕУ ја смета 5G мрежата за клучна за јакнење на економскиот раст и натпреварувањето со САД и Кина, а нејзините препораки, кои членките на ЕУ ги прифатија, се државите поединечно да го проценат ризикот и да одлучат дали ќе ги исклучат снабдувачите од својата клучна инфраструктура.

Пристапот на ЕУ, наведува Ројтерс, значи дека странските снабдувачи се добредојдени во Европа доколку се придржуваат до правилата, изјави комесарот на ЕУ за индустрија Тјери Бретон.

Хуавеј ги поздрави насоки, опишувајќи ги како непристрасни и засновани врз фактите.

Борбата околу Хуавеј се споредува со непријателството со Советскиот Сојуз од времето на Студената војна. Соединетите Држави се загрижени дека доминацијата во 5G е камен-темелникот на кинеската технолошка надмоќ која би можела да ја дефинира геополитиката на 21 век. ЕУ, меѓутоа, се надева дека колективниот пристап заснован врз проверката на ризиците донекаде ќе го намали американскиот притисок.