Европската комисија го возвраќа ударот на Орбан


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Од Европската комисија вчера ги отфрлија обвинувањата кои на нивна сметка ги упати Владата на Унгарија дека Европската унија ја промовира масовната миграција.

Во официјалниот одговор на обвинувањата на Владата во Будимпешта, искажани во кампањата преку билбордите, огласите во весниците преку цела страница и преку писмото на премиерот Виктор Орбан до унгарските граѓани под наслов „И вие имате право да знаете што подготвува Брисел“, Брисел се согласи дека граѓаните навистина заслужуваат да ги знаат, но – „фактите, а не фикцијата“.

„Кампањата на унгарската влада ја искривува вистината и настојува да наслика мрачна слика на таен план да се поттикне поголема миграција во Европа. Вистината е дека нема заговор“, наведе Европската комисија и додаде дека сака точка по точка да ги исправи овие неточни наводи.

Комисијата наведе дека не планира да воведе задолжителни квоти за населување на мигранти и дека работи многу напорно да ја прекине трговијата со луѓе.

ЕУ исто така го отфрли тврдењето дека Брисел сака да го ослаби правото на државите-членки да ги бранат своите граници, наведувајќи дека ЕУ ја поддржува и не ја минира заштитата на границите.

Во врска со тврдењето дека ЕУ сака да ја олесни имиграцијата со употреба на мигрантски визи, се наведува дека Европската комисија има нула планови да воведе хуманитарни визи.

Осврнувајќи се на тврдењето дека ЕУ сака да им дава уште повеќе пари на организациите што ја поддржуваат имиграцијата, се наведува дека Комисијата не работи со ниедна организација што ја олеснува нерегуларната миграција.

За тврдењето дека Комисијата сака да почне проекти за имиграција со африканските земји се наведува дека државите-членки доброволно решаваат дали сакаат да примат стручна легална миграција.

Исто така се отфрла тврдењето дека Комисијата сака да им го намали финансирањето на земјите што се противат на миграцијата, наведувајќи дека финансирањето на ЕУ на никаков начин не е поврзано со поддршката на миграцијата или со противењето на миграцијата.

На крајот на текстот се укажува дека ЕУ е проект што го создадоа земјите-членки, од кои секоја реши еднострано и демократски дека тоа е патот по кој сака да оди, вклучувајќи ја и Унгарија.

„Секоја од овие земји-членки, вклучително и Унгарија, ги презема и одговорноста и заслугите за решенијата што се донесени колективно“, се наведува во текстот.

Во изборната кампања на Орбан унгарската влада им прати на граѓаните писмо, во кое премиерот ги предупредува дека „бриселските бирократи сакаат да го скршат отпорот на земјите што се противат на имиграцијата“.

Земјата е облепена со плакати на кои е сликата на претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, а зад него е сликата на филантропот и милијардер од еврејско-унгарско потекло Џорџ Сорос под слоганот „И вие имате право да знаете што подготвува Брисел“.

Спорот избувна три месеци пред европските избори.