Еве што мислат за Зеленски неговите политички ривали


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


По завршување на војната во Украина, очекувањата во земјата ќе бидат големи, но обновата и реформите за Украина ќе бидат опасни и тешки.

„Излегов на улиците за Портокаловата револуција во 2004 година, кога бев во последната година студии, и пак бев на улиците во 2014 година. Значи, се приближува десетгодишниот период во кој сме склони кон кревање револуции“, вели Ина Совсун, опозиционерска пратеничка од украинската либерална проевропска партија Холос, пренесува Мкд.мк.

Таа смета дека на повидок е уште еден политички пресврт.

Седната во кафуле со поглед кон Плоштадот на независноста во Киев, каде што пред речиси една деценија стотици илјади фрустрирани Украинци протестираа и го соборија Виктор Јанукович – вазалот на рускиот претседател Владимир Путин, оваа 38-годишна мајка на едно дете, чиј партнер сега работи како воен лекар во Бахмут, зборува за можноста за нов Мајдан, пишува Политико.

Револуцијата Мајдан од 2014 година имаше непредвидливи последици, се разбира, поттикнувајќи ги настаните што ја доведоа Украина онаму каде што е денес – бранејќи се себеси од руска инвазија наредена од реваншистичкиот и огорчен Путин. И какви последици и да имаше таа шарена револуција, последици ќе има и војната, која кова силно чувство на национална припадност и буди огромни очекувања за подобра иднина – очекувања што тешко ќе се исполнат.

Совсун не е единствената што на хоризонтот гледа уште еден пресврт. Еден поранешен украински министер рамнодушно вели за Политико: „Знаете, Мајдан може да се повтори“. Тој побарал да не биде именуван за да може слободно да разговара за чувствителни теми – како и многу други парламентарци, реформатори и активисти на граѓанското општество – тој не сакал да зборува јавно од страв дека ќе ги поткопа воените напори и ќе ѝ даде пропагандна муниција на Русија.

„Оваа војна поттикна големи надежи и луѓето многу нетрпеливо ќе ги чекаат промените. Ќе сакаат пари и правда и завршување на реформата што ја бараа во 2014 година. И тоа ќе го сакаат брзо“, рече министерот.

И додека маневрирањето низ бурните повоени политички води би било тешко за секој лидер, според поранешниот министер, на украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе му биде особено тешко бидејќи тој стана дел од проблемот – лидер со автократски тенденции.

Ова може да звучи изненадувачки, гледајќи однадвор. На крајот на краиштата, веќе цела година Зеленски е фален како самото олицетворение на украинскиот отпор, па дури и како икона на демократијата. Сè уште му се аплаудира што ја одби американската понуда да го извлечат од Киев додека руските тенкови се закануваа на 60 километри од главниот град, а неговата инспиративна воена реторика и фасцинантно ораторство беа клучни во убедувањето на САД и Европа да ја поддржат Украина кога дојде во прашање нејзината егзистенција.

Неговото лидерство, комуникациски вештини и нескротлив дух се фалени и дома во Украина, вели Политико. Повисок рејтинг во анкетите има само украинската армија. Но искусни набљудувачи велат дека неговиот рејтинг од 84 проценти кај јавноста е резултат на краткотрајна сплотеност и поддршка за време на војна, и тие предвидуваат дека тој број ќе опадне кога егзистенцијалните закани ќе исчезнат – слично како што беше кратко време по убедливата победа на популистичкиот комичар во 2019 година, откако вети дека ќе ги брани интересите на народот против богатите и владејачката класа.

За жал, Зеленски не успеа во реалниот живот да ја повтори својата улога на телевизискиот „народен претседател“, неговата поддршка во еден момент падна на само 11 проценти, откако го разреши реформски настроениот премиер и во својата влада напика пријатели и поранешни деловни партнери, без да постигне ништо од сопствениот антикорупциски полет. Наместо тоа, претседателот на Украина беше обвинет дека станува сѐ поавтократски и дека го прекршува законот со издавањето претседателски декрети за казнување на непријателите, сето тоа во име на борбата против руската агресија – но, според некои критичари, и со цел да ги задуши своите политички противници.

Четири месеци пред руската инвазија, Зеленски и двајца негови блиски соработници беа вмешани и во офшор-финансиски активности. Врз основа на Пандора-документите – куп документи што ги откриваат офшор-активностите на политички лидери и други истакнати поединци низ целиот свет – Проектот за известување за организиран криминал и корупција откри дека украинскиот лидер основал офшор-компании пред да стане претседател, но продолжил да профитира од нив по преземањето на функцијата. Зеленски негираше какво било перење пари или незаконитост со овие средства.

Засега нема прекор за неговото предвоено однесување, велат неговите политички противници, но откако оружјето ќе стивне, ќе се појават прашања за настаните што доведоа до војната, и за тоа зошто Зеленски ги игнорирал јасните предупредувања од западните разузнавачки агенции за големата веројатност за руска инвазија и не ја мобилизираше Украина многу порано.

Сепак, одвреме-навреме овие прашања се поставуваат дури и во екот на војната – прашањето последен пат се разгоре во август, кога лавина од јавни критики следуваше по коментарите на Зеленски зошто не ги претставил како сериозни предупредувањата за неизбежен напад, тврдејќи дека морал така бидејќи во спротивно Украинците ќе испаничеле, ќе избегале и ќе почнел економски колапс.

Опозициските политичари и лидерите на граѓанското општество интервјуирани од Политико рекле дека Зеленски ќе се најде на удар на критики и поради начинот на кој тој и неговиот тесно поврзан тим од стари другари и поранешни деловни партнери владееле за време на војната – не многу различно од нивното владеење пред инвазијата, обидувајќи се да воспостават „контролирана демократија“ со една доминантна партија.

„Се разбира, ние треба да ја поддржиме владата и треба да останеме обединети“, рекол Микола Књажицки, опозициски пратеник од западниот град Лавов. „Но јас сум загрижен за иднината на демократијата во мојата земја. Дури и во воени услови, мора да има политичка опозиција, демократскиот процес мора да продолжи, мора да има парламентарен надзор“.

Како и другите, Књажицки истакнал дека Зеленски ги користи претседателските воени овластувања и воената состојба за да зграпчи поголема моќ, да ги контролира телевизиските медиуми, да го маргинализира парламентот и да го игнорира законодавниот надзор на тоа како – и кому – се исплаќаат владините пари и дали примателите се бизнис-партнери на украинскиот претседател или компании поврзани со членови на неговата владејачка партија.

Некои, исто така, стравуваат дека глобалното ласкање што сега го ужива Зеленски ја потхранува неговата илузија на величина. „Тој мисли дека е политичар број еден во светот и дека Џо Бајден е далеку, далеку под него, а дека уште подолу се лидерите како Макрон и Шолц“, рекол поранешниот министер, додавајќи дека тоа не е здраво и не навестува ништо добро. Како и другите, тој спомнал дека украинскиот лидер изгледа не сака да го дели центарот на вниманието со никого, како актерот што ги сака сите најдобри реплики, додека еден поранешен помошник на Зеленски рекол дека неговиот кабинет постојано ги анализира податоците од анкетите за да се увери дека никој не го засенува.

Според критичарите, оваа посветеност да се биде неприкосновен протагонист може на некој начин да објасни зошто Зеленски ги одбива повиците за формирање коалициска влада, или влада на сите талентирани во Украина, во време кога земјата е во неволја.

Тимофиј Милованов, претседател на Киевската школа за економија и поранешен министер за економски развој и неформален советник на владата, ги отфрла тврдењата дека Зеленски има автократска жичка. „Во основа, Зеленски реагира на она што го сака народот. Според мене, Украина е многу среќна што го има. Мислам дека претходните претседатели ќе капитулираа во првите неколку недели од војната и ќе преговараа“, рекол Милованов.

Според Милованов, Зеленски гради национална држава и затоа нема друг избор освен да ги заобиколува институциите бидејќи премногу често се оптоварени со различни интереси: „Никој не знае каква поголема перспектива има на ум Зеленски. Мислам дека тој ги смени ставовите во текот на последните три години на функцијата, тој ја научи и ја разбра поголемата перспектива и различните сили што се во игра. Мислам дека на многу начини тој разбира повеќе од повеќето од нас“.

Во јануари, за време на едно од неговите ноќни телевизиски обраќања, Зеленски навистина ги уверуваше Украинците дека „нема да има враќање на старата ситуација“.

Но тој тоа го кажа во време на корупциски скандал околу незаконски плаќања и пренапумпани воени договори, што доведе до серија оставки и разрешување на неколку високи украински функционери – вклучувајќи пет регионални гувернери и четворица заменик-министри. Скандалот излезе на виделина откако еден истражувачки новинар објави детали за лажни договори кога владата не реагирала.

Во меѓувреме, некои искусни набљудувачи не се успокоени од уверувањата на Зеленски. „Не видовме доволно значителен потег за справување со корупцијата – иако можеби со еден важен исклучок“, рекол поранешен висок американски дипломат со значително искуство во Украина: „Мислам дека тие навистина се обидуваат да ја спречат злоупотребата на големата западна помош што ја добиваат. Верувам дека ги разбираат ризиците доколку дојде до голем скандал“.

Но поранешниот дипломат вели дека на неодамнешните состаноци со опозициските политичари и лидерите на граѓанското општество во Киев, открил дека „од една страна, тие навистина ја ценат силата на Зеленски како воен лидер“, но исто така се „длабоко загрижени за корупцијата и неговиот авторитарен стил“.

„Во нивните глави ќе дојде до промена веднаш штом ќе заврши војната. И мислам дека тоа веројатно ќе биде вистина“, заклучил американскиот дипломат.