Ескобар порача: На Косово ќе има заедница на српските општини, се согласувал Курти или не


Викенд најава: Интер - Милан, Тотенхем - Ман.Сити и Феенорд - ПСВ ↓↓↓



Американскиот специјален претставник за Западниот Балкан Габриел Ескобар кажа дека имал многу конструктивни разговори со претседателот на Србија Александар Вучиќ во Белград за француско-германскиот предлог за решавање на прашањето на Косово, и дека следната средба на преговарачите во Брисел би можела да се случи наскоро.

Ескобар за Војс оф Америка кажа и дека косовскиот премиер Аљбин Курти „не мора да се сложи“ со формирањето на Заедницата на српски општини, бидејќи „Косово веќе се сложило“.

На прашањето дали дијалогот на Белград и Приштина наскоро ќе биде обновен, Ескобар одговори дека „како прво, дијалогот никогаш не престанал“, но дека „предизвикот е тоа што стана инструмент за решавање на кризите“.

„Сакаме повторно да го вратиме на стратегиско ниво на француско-германскиот предлог. Ние мислиме дека тој предлог е добар. САД целосно го поддржуваат тој предлог и сакаме да биде добро решение за двете земји. Со други зборови, сакаме да отвори европска перспектива за двете земји, да отвори можност за поголема соработка не само со Европа, туку и со регионот и САД“, кажа американскиот претставник.

Ескобар истакна дека меѓународната заедница бара од косовскиот премиер Аљбин Курти да ја формира Заедницата на српски општини, додавајќи дека тој дел од договорот ќе биде имплементиран.

„Еден човек и една партија не може да се откажат од спроведувањето на правно обврзувачки точки, тоа е факт. Ние тоа ќе го направиме така што ќе најдам партнери, има многу луѓе кои би сакале да видат подобри односи меѓу Србите на северот и остатокот на земјата“, кажа Ескобар.

Тој кажа и дека формирањето на ЗСО и преговорите за француско-германскиот предлог „не се целосно поврзани“.

„ЗСО е постоечка обврска и мора да се имплементира. Француско-германскиот предлог е навистина добар предлог кој на двете земји им овозможува напредок кон одржлив мир. И на тоа симултано ќе работиме и потребни ни се двете нешта“, изјави Ескобар.

Американскиот дипломат зборуваше и за потенцијалните економски последици по Србија ако продолжи со актуелната политика кон санкциите против Русија, и загриженоста за наводното дејствување на руската Вагнер група во Србија.

„Мислам дека ќе има последици. Мислам дека ѝ штети на имиџот на Србија како западна земја. Вистината е дека компаниите прашуваат дали е Србија под секундарни санкции, дали Србија е солиден партнер, некој на кој може да сметаат на долги патеки? Бидејќи компаниите не бараат сигурност, туку предвидливост, а ова внесува доза на непредвидливост. Мојот совет е да се придружите на Западот во имплементирањето на сите мерки и санкции за Србија да не биде исклучок во регионот“.

Според него, владата на Србија е јасна околу тврдењата за обидите на руската приватна безбедносна група Вагнер да регрутира војници во Србија и треба кривично да ги гони.

„Ја имаме нивната решеност дека тоа ќе го направат. Тоа е добро“, оцени Ескобар и додаде дека би било лошо за која било земја да регрутира платеници и дека тоа во Србија е нелегално.