Екстремната десница зема сè поголем замав во Европа – германската АФД бара ЕУ да се затвори за доселеници


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Германската канцеларија за заштита на уставниот поредок по партиската конвенција на популистичката десничарска Алтернатива за Германија (АфД), на која се одлучуваше за насоките за изборите за Европската Унија, укажува дека сè уште во партијата се присутни екстремистички тенденции.

„Листата на кандидати и изборната програма за изборите за Европскиот парламент сè уште не се готови, но уште сега стрчат лица кои во минатото излегувале со ставови кои не се согласни со демократските темели, а кои би можеле да станат пратеници на АфД во Европскиот парламент следната година“, кажа директорот на германската канцеларија за заштита на уставниот поредок Томас Хајденванг.

Тој изјави дека на завршениот прв дел на партиската конвенција во Магдебург минатиот викенд биле ширени екстремно десни теории на заговор.

„Припадниците на умереното крило на АфД речиси и не можеа да се слушнат на конгресот. Тука пред сè збор имаа поборниците на теоријата на „големата промена““, кажа Хајденванг. Застапниците на оваа теорија тргнуваат од тоа дека политичките елити во Германија работат на „измена на народот“, односно дека со поттикнување на доселувањето се трудат да ја сменат националната структура и идентитетот на Германија.

Ирмхилд Босдорф, една од главните кандидатки за ЕУ изборите, побара „милионска реемиграција“ и смета дека Германците треба да се плашат од промените на населението предизвикани од човекот, а не од климатските промени предизвикани од човекот.

Таа е позната припадничка на таканареченото идентитетско движење кое, меѓу другото, прашањето на германското државјанство го поврзува со етничка припадност на германската етничка заедница.

И копретседателката на партијата Алис Вајдел во својот говор на партиската конвенција побара Европа да се претвори во „тврдина против доселувањето“.

„Нам ни е тоа потребно за да ја заштитиме својата татковина и тоа ќе го направиме заеднички со нашите европски партнери“, кажа Вајдел. Повеќе говорници на конгресот како пример во борбата против доселувањето го навеле унгарскиот премиер Виктор Орбан.

И главниот кандидат на АфД на изборите за Европскиот парламент, Максимилијан Крах, кој самиот се става на десниот раб на партијата, кажа дека оној кој е Германец мора тоа да го докаже „со фотографии од семејниот албум“.

Тој во интервју за јавниот сервис Дојчландфунк сепак отстапи од барањето на дел од партијата за излегување на Германија од Европската Унија, но најави дека ќе се заземе за драстични промени, меѓу другото и за намалување на Европската комисија за 80 отсто.

„АфД сака Европска унија на национални држави, помалку Европа а повеќе сопствена одговорност“, кажа Крах.

Сојузната канцеларија за заштита на уставниот поредок, која ги следи движењата кои се закануваат на демократскиот поредок на Германија, АфД во 2021 година ја окарактеризира како потенцијално опасна организација, што им овозможува на тајните служби да ја следат работата на партијата.

Конвенцијата во петокот почна во знак на растот на популарноста на АфД во истражувањата на јавните мислења, кои оваа партија на сојузно ниво со над 20 отсто ја ставаат на второ место пред демохристијанската унија ЦДУ?ЦСУ.

Претседателот на АфД Тино Хрупала најави можност за преземање на власта во неколку сојузни покраини на истокот на Германија каде оваа партија има поддршка од над 30 отсто од анкетираните гласачи.

Алтернатива за Германија својата партиска конвенција ќе ја продолжи следниот викенд.