Ексон Мобајл ја тужи ЕУ оти им го оданочила екстрапрофитот


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Американската мултинационална компанија за нафта и гас „ЕксонМобајл“ поднесе тужба против Европската унија поради воведеното оданочување на екстрапрофитот.

Енергетските компании заработуваат многу повеќе пари од продажбата на нафта и гас, благодарение на порастот на цените поттикнати од закрепнувањето на економијата по епидемијата на коронавирусот и загриженоста за снабдувањето откако Западот воведе санкции кон Русија поради војната во Украина.

Европските влади се обидуваат да ги заштитат компаниите и граѓаните од високите трошоци за енергија, а во исто време бараат нови извори на приходи за финансирање на мерките за помош.

Во таков амбиент, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се септември објави план што предвидува „кризен придонес“ од големите производители и добавувачи на нафта, гас и јаглен во форма на даноци за овогодинешниот екстра профит. Брисел предложи да се плати данок од 33 отсто на овогодинешната добивка, доколку таа е за повеќе од 20 проценти поголема од просекот остварен претходните три години.

Американскиот енергетски гигант тврди дека ЕК ги надминала своите законски овластувања, нарекувајќи ја мерката „контрапродуктивна“.

Данокот ги обесхрабрува инвестициите и ја поткопува довербата на инвеститорите, се вели во тужбата поднесена од „ЕксонМобајл“ против ЕУ пред Општиот суд во Луксембург, јави „Би-Би-Си“.

На состанокот со инвеститорите на почетокот на месецов, главниот финансиски директор процени дека данокот на ЕУ ќе ја чини групацијата „повеќе од две милијарди долари“.

Во октомври компанијата објави квартален профит од речиси 20 милијарди долари.

Европската комисија соопшти дека „го зема предвид“ правното барање на „Ексон“ и додаде дека „Општиот суд треба да одлучи за случајот“, објави „Фајненшл тајмс“.

Министрите на ЕУ проценуваат дека данокот на дополнителна добивка може да им донесе 140 милијарди евра приход, наведува „Би-Би-Си“.