Еден пролетен ден, пред 66 милиони години, катаклизма ги збришала од земјата диносаурусите кои биле во зенитот на нивното постоење


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Катаклизма која се случила еден пролетен ден пред 66 милиони години ставила точка на ерата на диносаурусите, кога астероид широк 12 километри удрил кај полуостровот Јукатан во Мексико, предизвикувајќи истребување на тие извонредни ѕверови и на околу три четвртини од видовите на Земјата.

Но дали диносаурусите веќе биле на залез, со опадната разновидност и намалени стапки на еволуција, како што велат некои научници? Одговорот е дефинитивно „не“, според новата студија, која ги моделирала синџирите на исхрана и еколошките живеалишта во Северна Америка, делот од светот најдобро претставен во фосилните записи од тоа време, вели Ројтерс.

Истражувачите погледнале во 18-те милиони години пред ударот на астероидот со кој завршил периодот креда и во 4-те милиони години потоа на почетокот на палеогенскиот период, кога цицачите ја зацврстиле својата доминација по смртта на диносаурусите – освен нивната птичја лоза.

Врз основа на повеќе од 1.600 фосили, истражувачите ги реконструирале синџирите на исхрана и преференциите за живеалиштата на копнените и слатководните ‘рбетници. Тука спаѓаат џиновските месојадци т. рекс, тророгите трицератопи, оклопните анкилосауруси, крокодилите, желките, жабите, рибите и разните ситни цицачи што живееле под нозете на диносаурусите.

Диносаурусите живееле во стабилни еколошки ниши за кои биле добро приспособени, откриле истражувачите.

„Со други зборови, диносаурусите биле уништени во нивниот зенит“, вели екологот Хорхе Гарсија-Жирон од Универзитетот Оулу во Финска и Универзитетот во Леон во Шпанија, главен автор на истражувањето, објавено во списанието Саенс адвансис.

Цицачите тогаш почнале да ги поставуваат темелите за својот подоцнежен подем, диверзифицирајќи ги своите еколошки ниши и развивајќи поразновидна исхрана, однесувања и толеранција кон климата, додава Гарсија-Жирон.

Диносаурусите продолжиле да се развиваат и да се приспособуваат за време на самракот на своето владеење на Земјата, при што се појавувале нови видови, а старите исчезнувале, покажа студијата. Некои од главните тревојадци, како рогатите и клунестите диносауруси, биле заменети со разновидни средно големи тревопасни животни.

Некои претходни истражувања сугерираа дека биолошката разновидност на диносаурусите многу се намалила пред ударот на астероидот, врз основа на фосилните записи од разни фамилии диносауруси.

„Постоеше една здодевна мисла дека диносаурусите можеби во секој случај биле на пат кон изумирање, поради долгорочниот пад, кога астероидот ги спасил од мизеријата“, рече палеонтологот и коавтор на студијата Стив Брусат од Универзитетот во Единбург. „Сега можеме со сигурност да кажеме: диносаурусите им одело добро, со стабилни екосистеми, сè додека астероидот ненадејно не ги убил.“

Фактот дека диносаурусите биле толку добро приспособени на својата клима и животна средина можеби ги одвел во пропаст.

„Кога удрил астероидот, фрлил сè во хаос и диносаурусите не можеле да се справат со ненадејната промена на светот на кој биле толку навикнати“, вели Брусат.

„Нашата студија сугерира дека веројатно интеракцијата меѓу многу други еколошки карактеристики, вклучително и нивната големина на телото, исхраната, однесувањето и пластичноста на екосистемот, ги подготвила одредените помали животни за подобро преживување по ударот на астероидот“, рече палеонтологот и коавтор на студијата Алфио Алесандро Кјаренца од Универзитетот во Виго, Шпанија.

Цицачите пред астероидот ги вклучувале сега изумрената група слична на глодачи наречена мултитуберкулати, како и роднините на денешните торбари наречени метатерии и роднините на денешните плацентални цицачи наречени еутерии.

По масовното истребување, се појавиле нови цицачи, вклучително и многу вистински плацентални цицачи – групата што раѓа живи добро развиени младенчиња, која ги опфаќа повеќето денешни цицачи од китовите до лилјаците и од африканските мравојадци до луѓето. Големината на телата и еколошката разновидност на постапокалиптичните цицачи брзо растеле.

„Цицачите и диносаурусите имаат иста приказна за потеклото – обата настанале и почнале да се диверзифицираат уште во Тријасскиот период, пред околу 230 милиони години, на суперконтинентот Пангеја“, вели Брусат.

„Оттаму, нивните патишта се раздвоиле, диносаурусите станувале сѐ поголеми, а цицачите биле сведени на мали димензии во сенките“, додава Брусат. „Но нивните судбини ќе бидат засекогаш испреплетени. Цицачите беа таму кога удрил астероидот. Тие преживеале. Ние имаме предци што го виделе астероидот.“