Државно-политичка заложба за признавање на МПЦ-ОА – Македонија бара апелација од Цариградската патријаршија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Во период од само неколку дена, македонскиот претседател Стево Пендаровски и македонскиот премиер Зоран Заев упатија писма до цариградскиот патријарх Вартоломеј со молба за враќање на прашањето на македонската црква во фокусот и признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Ова се толкува како брзање на македонското политичкото раководство за затворање на сите отворени прашања со соседните земји за време на евроинтеграциските процеси.

Во писмото на Заев, македонскиот премиер се наврати на средбата во Истанбул во јануари годинава одржана на иницијатива на патријархот. Тогаш Вселенската патријаршија соопшти дека ќе посредува во решавањето на спорот помеѓу МПЦ-ОА и Српската православна црква. Сепак СПЦ и натаму е против мешањето на Цариградската патријаршија во овој спор. Тоа за нив е внатрешен спор на СПЦ.

„Го почитуваме сето она што е одредено од меѓународните договори и состојби. Но, бараме да бидеме слободни и црковно во рамките на границите на нашата земја нашите архијереи да сослужуваат со архијереите од сите православни цркви во светот. Православниот народ во нашата земја заслужува црковна независност која ја сонува веќе цел еден век и очекува да ја види МПЦ-ОА признаена како автокефална, со благословот и со писмена одлука од првиот меѓу Христовите архиереи на земјата, цариградскиот патријарх Вартоломеј“, напиша Заев.

Во спорот со Српската православна црква, вмешана е и Бугарската православна црква на барање на МПЦ-ОА, па Цариградската патријаршија сега треба да биде еден вид апелација на во овој спор за изнаоѓање на можно решение. МПЦ-ОА уште во 2018 година испрати такво апелациско барање до вселенскиот патријарх.

И претседателот Пендаровски го повика патријархот Вартоломеј да го употреби неговото апелациско право и да го заврши спорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ.

„Ви се обраќам во името на голем дел од моите сограѓани што се идентификуваат како православни христијани и чија единствена желба и потреба е да се смират со своите ближни и да се упатат кон заедничката иднина, кон соживотот и кон вистинската слобода. Во оваа насока би сакал да упатам барање до Вашата Сесветост да го уважи повикот на нашиот благочестив народ и на нашата црква да го употребите своето апелациско право, со што нашите граѓани од православна христијанска вероисповед, конечно, ќе ја добијат можноста да бидат еднакви со сите други православни христијани во светот“, напиша Пендаровски.