
Дру Баримор и Кристен Бел повторно се сретнаа во „The Drew Barrymore Show“, каде што споделија искрен момент пред камерите.
Во епизодата емитувана во понеделникот, на 26 октомври, 51-годишната водителка и 46-годишната ѕвезда на „Nobody Wants This“ ја отстранија целата шминка и надградбата на косата додека разговараа за очекувањата околу изгледот и за социјалните мрежи.
„Ти ме инспирираше да го предложам ова, бидејќи нема друга емисија во која би можеле да го направиме“, ѝ рече Кристен на Дру, пренесува „Ентертејнмент викли“. „Не можам едноставно да кажам: ‘Ќе одам во друго ток-шоу и ќе ја извадам надградбата на косата’. Ќе ми речат: ‘Може ли… Можеби сепак нема така да ја правиме емисијата’.“
Кога Кристен почна да ги откачува прамените од надградбата, истото го направи и Дру.
„Мислам дека до овој заклучок дојдов пред неколку години, кога моите ќерки почнаа да сакаат да експериментираат со шминка и со изгледот. Тогаш си помислив: ‘Морам добро да им го објаснам ова’“, рече актерката позната по „Вероника Марс“.
„Па им реков: знаете што, шминката, облекувањето и модата не служат за прикривање, туку за креативно изразување. И поради некоја причина, додека им го објаснував тоа ним, конечно и самата навистина го слушнав за првпат“, додаде таа.
Кристен со сопругот Декс Шепард ги има ќерките Линколн и Делта.
Актерката објасни дека сака луѓето да сфатат оти шминката не е „задолжителна“ и дека не се шминка целосно само за да направи фотографија за социјалните мрежи.
„За мене е едноставно… Не сум се родила нашминкана. Ќе преживеам ако објавам нешто на социјалните мрежи без шминка, а сакам и другите девојки, всушност сите, да чувствуваат дека тоа не е задолжително“, рече таа.
Кристен додаде дека и Декс ги поддржува одлуките на нивните деца поврзани со изгледот.
„Тој всушност многу подобро се снаоѓа со тоа од мене. Но, искрено, тие имаат 11 и 13 години, па досега не сме се соочиле со нешто навистина екстремно“, рече таа. „Не посакале да излезат од дома без панталони или нешто слично. Мислам дека еден од клучните темели е да им помогнеме да се чувствуваат сигурни во сопствената вредност, наместо да бараат потврда од другите, бидејќи, искрено, не знам во какви личности ќе израснат моите ќерки.“
Извор: Just Jared