Домашен притвор за Драги Рашковски


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Наместо во притворското одделение во Шутка, Драги Рашковски ќе оди во куќен притвор, одлучил судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд во Скопје, пренесува 360 Степени.

Обвинителството, пак, бараше ексгенералниот секретар на Владата да оди во притвор во Шуто Оризари поради опасност од бегство и криење и влијание врз сведоци, но судијата одлучил да изрече поблага мерка – куќен притвор, бидејќи обвинителството немало докази.

„Имено во предлогот обвинителот не приложил докази во поткрепа на основите на сомнение заради кои се бара притвор, односно не приложил доказ дека осомничените се имотни и доказ како осомничените влијаеле или ќе влијаат на истражната постапка“, соопштија од судот.

Ист е случајот и со сопственикот и управител на фирмата што ја доби спорната набавка „Инвока гроуп“, Даниел Станчев.

Исто така, на Рашковски и Станчев им се забранува комуникација со другите осомничени и користење на средства за комуникација.

На ваквото решение од судијата на претходна постапка, странките имаат право на жалба до Кривичниот совет.

Рашковски беше приведен и спроведен до судот утрово откако вчера Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отворило истрага за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци.

Во истрагата осомничени сè уште две лица, за нив обвинителството бара мерки на претпазливост. Тие дополнително ќе бидат повикани во судот за да се одлучи дали ќе се прифати предлогот на обвинителството.

„Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка. Четвртоосомничениот како надворешен соработник пренесувал информации за текот на постапката на осомничените – учесници во јавната набавка. Во текот на постапката за јавната набавка наместо комуникацијата да се извршува со користење електронски средства преку Електронскиот систем за јавни набавки, со цел фаворизирање на конкретен економски оператор првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот. На 02.01.2020 година, првоосомничениот донел Одлука за избор на најповолен понудувач за економскиот оператор каде сопственик и управител е второосомничениот и бил склучен Договор за набавка на услуги. Во месец јули истата година економскиот оператор доставил фактура на износ од 4 997 300 денари со вклучен 18% ДДВ, па иако софтверот не бил имплементиран, фактурата во рок од седум дена била исплатена“, соопшти обвинителството утрово.

Покрај овој тендер, според обвинителството, летото 2019 Рашковски донел уште две одлуки за јавна набавка за работи потребни за софтверот иако во тоа време сè уште не бил склучен договор за набавката на софтверот. Така, за овие два тендери биле склучени договори во износ од 1 416 000 и 4 605 021 денари.

„Со дејствијата што ги извршил, првоосомничениот со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка спровел јавни набавки спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени согласно прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства и за три економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и притоа да се стекнат со противправна имотна корист на штета на Буџетот на РС Македонија во вкупен износ од 11 018 321 денари“, соопштија од обвинителството.

По функцијата генерален сектерат на Владата во чиј период била направена набавката, Рашковски беше секретар во кабинетот на премиерот од која функција си даде оставка пред неколку дена. Покрај случајот со софтверот, „360 степени“ објави и дека Рашковски вози џип „волво-XC90“, кој не фигурира во неговиот анкетен лист, а ТВ Алсат деновиве потоа објави и оти тој во Побожје ќе гради хациенда од 800 квадратни метри.