Директорот на Државен пазарен инспекторат одбива да ги потпише сите 35 „рамковни вработувања“ кои се прераспределени таму


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, изјави дека нема да попушти и да го потпише решението за вработување на 35 „рамковно вработени“, кои на инспекторатот му ги додели Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, како дел од К-5 програмата, со која овие вработени кои со години земаа плата, а не одеа на работа, беа распределени по државни институции и по општини. Премиерот Заев му порачува да не биде толку гласен и да го спроведува она што е договорено, пренесува МКД.мк.

Од 1.400 рамковно вработи, 35 административци треба да бидат прифатени во Државниот пазарен инспекторат.

„Јас испратив писма со аргументи и до премиерот, и до вицепремиерот, во кое детално објаснувам зошто нашата институција не може да ги прифати сите овие 35 вработени, туку можеме да прифатиме само 12 од нив кои имаат квалификации. Досега немам добиено реакција на ова писмо, но можам да потврдам дека ниту премиерот, ниту било кој друг од Владата не ми се јавил да врши притисок врз мене за да го потпишам решението за нивно примање. Јас јавно кажувам дека тоа нема да го потпишам, па и по цена дури и да бидам сменет од функцијата директор на Државниот пазарен инспекторат. Јас сум политички дојден на таа функција и може и политички да бидам сменет, и нема да се лутам за тоа, но нема да попуштам на ниедна сила и тоа да го потпишам. Мора некој да застане на патот на ваквото однесување“, дециден е Пауновски во изјавата за Фактор.

„Претходно, од 305 вработени, само 97 беа инспектори кои одат на терен, а сега од 247 вработени, дури 178 од вработените се инспектори, што значи дека е многу подобрена структурата, односно дури две третини се инспектори кои одат на терен, а една третина се административните работници кои се неопходни за функционирање на институцијата“, вели Пауновски и додава дека од овие 35 лица, сите би сакале да работат во администрацијата на Пазарен, а не да бидат инспектори.

Од овие 35 лица само 12 се правници и економисти.

На ова вчера реагираше и Зоран Заев.

„Сакам да истакнам порака до сите оние директори што прават отпор, да не прават отпор. Зошто имаат потреба реално, а тоа се наши граѓани и секој ја има шанса чесно да ја работи својата работа односно да работи. Ако не му се работи дали тие што ги преземаат сега или се досега вработени да им се заблагодариме да си одат дома. Така да испраќам порака пред се до директорот на Државниот пазарен инспекторат којшто е доста гласен, треба да ги спроведеме одлуките или да кажеме зошто не се спроведуваат, а не да водиме, така да кажам, јавна војна преку медиумите едни со други. Тоа не ни треба, зошто ова е нешто што народот го очекува од нас“, рече денеска премиерот Заев.

Тој очекува во наредниот период, за 15-20 дена да се најде решение за преостанатите 350 вработени во јавната администрација кои со години не одат на работа, а земаат плата.

„Околу 750 веќе се распоредени, а околу 350-60 остануваат да се дораспределат заради правни формалности: постапка за засновање на работен однос, префрлување на соодветните финансии од една институција во друга. Верувам дека сите институции ќе ја спроведат“, рече Заев.