Џафери пред полноќ ја прогласи за завршена седницата констатирајќи дека не беше изгласана недоверба на Владата


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


„Не може да се отвори дебата по Иницијативата за гласање доверба на Владата, а имајќи предвид дека изминува времето, третиот ден од поднесето барање, не ми останува ништо друго освен да констатирам дека на Владата не ѝ е изгласана недоверба. Владата продолжува со полниот состав и со должностите што ги има“, рече малку пред полноќ собранискиот претседател Талат Џафери, кој ја заклучи денешната собраниска седница, која практично не ни почна бидејќи опозицискиот блок не обезбеди 61 пратеник, потребниот број за да се изгласа недоверба на Владата.

„ Имајќи предвид дека немаше кворум за целта за која што беше поднесено ова прашање и дневниот ред за оваа седница не е изгласан, констатирам дека според Деловникот, предвидената материја за оваа седница е исцрпена, седницата е завршена и ја заклучувам. Констатираме дека на Владата не ѝ е изгласана недоверба и врз основа на ова Владата продолжува со полниот состав и со должностите коишто ги има. На Владата ѝ благодарам и ѝ посакувам успех во наредните денови како извршна власт”, рече Џафери, а потоа во салата се поздрави со премиерот Зоран Заев и со членовите на неговиот кабинет кои беа присутни во собраниската сала, а не беа присутни пратениците.

Недостасуваше министерот за земјоделство Арјанит Хоџа од Беса, која партија пред неколку денови реши да ја напушти Владата, но тој формално е уште на функцијата.

Инаку, претпладнево, Џафери од местото претседател на Собранието го отвори собраниското заседание, а пред да се даде на гласање утврдувањето на дневниот ред, изјави дека со оглед на тоа што не се согласува со иницијативата за изгласување недоверба на Владата, тој, како и останатите пратеници кои ја поддржуваат власта, нема да учествува во работата на Собранието. Тој го повика потпретседателот на Собранието Фадил Зендели да го преземе раководењето со седницата и ја напушти собраниската сала.

Попладнето пратеникот Димитар Апасиев процедурално го повика Џафери да се врати во салата зашто, според него, потпретседател на парламентот го заменува претседателот само во случај кога е отсутен или спречен да води седница. Џафери е очигледно во зградата и не е спречен да ја води седницата, рече Апасиев.

Со евентуалното раководење со седницата од страна на Џафери, во собраниската сала ќе имаше 61 пратеник, доволно за да има кворум за да се изгласа дневниот ред, а во услови кога опозицискиот блок го загуби пратеникот од Беса Кастриот Реџепи кој денеска, иако беше потписник на иницијативата, не се појави во Собранието.

Опозицијата вечерва околу 21.30 часот се откажа од чекањето да се појави Реџепи и седницата да биде започната, најавувајќи дека пратениците од опозицијата си заминуват, но дека не се откажуваат од иницијативата и дека остануваат на барањето преку брзи парламентарни избори да се надмине политичката криза. Претходно во два наврата потпретседателот Зендели даваше едночасовни паузи по процедурални забелешки од ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и од Левица, за кое време не се обезбеди кворум

Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ вечерва оцени дека станува збор за криминална злоупотреба на полугите на власта затоа што, според опозицијата, пратеникот Реџепи е можеби киднапиран или уценет за да не се појави во Собранието и така власта да ги зачува на своите позиции.

Пратеникот Димитар Апасиев пак, ги повика опозицискитге партии да размислат за радикализација во дејствувањето преку протести и парализа на Собранието, оценувајќи дека власта се претворила во „картел – мафија”.