Денес се чествува Свети Климент Охридски


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


14-та година по ред 8. Декември во Македонија се обележува како државен празник посветен на свети Климент Охридски. Со тоа, Светиклиментовото дело како основоположник на македонската просветителска и духовна дејност е една од најзначајните цивилизациски придобивки на македонски народ, кој го има благодатот да биде негов наследник.

Најголемиот дел од моштите на свети Климент Охридски денес се чуваат во манастирот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, во Охрид.

Професорот Илија Велев од Институтот за македонска литература, по повод 1.100 години од смртта на свети Климент Охридски, напиша книга посветена на овој просветител со која јасно посочи дека денешниот Македонец го прави горд неоспорниот факт дека словенската писменост, богословската возвишеност, но и научната основа на балканските народи потекнуваат токму од Охрид.

Професорот Велев нагласува дека секоја генерација ќе ја има истата привилегија да се чувствува славно во светоста на свети Климент Охридски, особено што од неговата школа во Охрид излегле и првите лекари и првите писатели, првите филозофи, но и првите големи духовници, пренесува Факултети.

Професорот Велев во книгата пишува дека свети Климент Охридски е најистакнатиот ученик и следбеник на Кирил и Методиј, а заедно со свети Наум Охридски бил продолжувач на сесловенската богослужба, писменост и просветителство, но и останал во културно-историската меморија како основач на Охридската духовна и книжевна школа.

– Ако кирилометодиевското раноапостолско и сесловенско дело ја афирмирале третата христијанска цивилизација и култура во Европа – словенската, тогаш продолжувањето на нивните изворни идеи од страна на светите Климент и Наум Охридски назад кон изворите – во Македонија го означило историското проникнување на словенската цивилизациска свест во македонската современа духовна и културна традиција. Следствено, без улогите на свети Климент и на формираната Охридска духовна и книжевна школа последователниот цивилизациски тек ќе бил принуден да се пролонгира и да почека нови историски околности во некои идни времиња за афирмација на словенската цивилизација и култура – објаснува професорот.

Според него, нужно е да се истакне дека втемелувањето на историска улога на Охридската духовна и книжевна школа се случило уште во првите седум години од враќањето на свети Климент од Моравија во Македонија (885/886 – 893).

– Неговата просветителска активност во Кутмичевица резултирала со подготвување за свештеничка, учителска или за книжевна дејност на околу 3.500 ученици. Во која и да е мера бројчено надраснат ваквиот податок од легендарно-култните извори, сепак, на овој начин се засведочува активната просветителска дејност на свети Климент при воспоставувањето на темелите на Охридската книжевна школа. Натаму, со доаѓањето и на свети Наум во Кутмичевица и во Охрид кај својот соученик и духовен собрат во 893 година, заедно ја воспоставиле традицијата на оваа духовна и книжевна школа, која во палеославистиката се смета како своевиден Светиклиментов универзитет. Во тоа време се создале поволни услови да се организира црковниот живот, да се градат нови христијански храмови, да се омасовува монашкиот живот, да израснуваат книжевни и скрипторски центри – додава проф. Велев.

Дејностите на светите Климент и Наум се претставуваат како своевидна христијанска, но и цивилизациска ренесанса на нешто што во Охрид и во Македонија веќе имало фатено длабоки корења, од кои проникнувале нови словенски форми на произнесување на верата и на културата.

– Покарактеристичните развојни елементи на Охридската книжевна школа се идентификуваат преку задржувањето на глаголицата во писмената практика, подоследно продолжување на изворната кирилометодиевска традиција на планот на текстуалните структури во сите книжевни жанрови и во преводите; присуство на поархаична лексика; специфичности во графиските, фонетските и во граматичките својства на ракописното наследство итн. Сочуваното ракописно книжевно наследство илустрира типичен охридски правописен систем, а од 11 век наваму се поттикнале и развојните насоки на македонската јазична редакција (варијанта) на старословенскиот јазик во однос на српската, бугарската или на руската редакција – пишува професорот.

Според него, во Охридскиот книжевен центар свети Климент, свети Наум и нивните ученици и следбеници ги напишале своите оригинални дела со химнографска, хагиографска и со ораторско-прозна содржина.

– Токму во нивното оригинално книжевно творештво се рефлектирал едноставно изразуван, но богато произнесуван метафоричен стил. Впечатлива била активноста и во преведувачката дејност од византискогрчки на старословенски јазик, а таму се препишувале и ракописни книги за потребите на црковната богослужба и проповед. Во овој центар глаголицата се задржала сè до 12 век, а инцидентно среќаваме нејзино присуство и во ракописното наследство од 13 век. Сепак, во сочуваните епиграфски споменици од 10-11 век се среќава кирилското писмо, а тоа дава за право да се претпостави дека во Македонија глаголицата се употребувала само како црковно писмо – заклучува професорот Велев.

Со свети Климент фактички започнува македонската евангелизација, оцрковување, просвета, книжевност, уметност, култура и сè.

Ниедна личност не е толку сврзана со овој народ како што е свети Климент Охридски. Затоа го нарекуваме наш најголем светител, просветител и учител.

Неговиот успех е плод на ученоста и побожноста. Тој бил „учител“, како што бил учител Господ Исус Христос, а тоа значи дека го учел народот во верата, го просветувал, бил проповедник, мисионер, пастир и првосвештеник.

Односот на Господа Исуса Христа кон апостолите, за свети Климента бил личен пример за неговото однесување кон учениците. Тој другарувал со нив. Постојано биле заедно. Живеел со нив. Со кротост и со татковска љубов се однесувал кон нив, а тие, пак, му возвраќале со полно послушание и со синовска одаданост, како што се вели во житието: „Го слушаа како татко.“ Свети Климент љубел со срце, не – со уста. Неговото деноноќно присуство меѓу учениците и неговото духовно влијание врз нив многу значело во нивната возраст, додека тие се формирале како личности и како Христови пастири. Ја гледале големата трудољубивост, неуморната молитвеност и строгиот подвижнички живот на својот учител. И затоа запишале: „Ние никогаш не го видовме да е без работа.“

Неговата успешност е и во тоа што тој бил од овој народ и ги познавал сите што ги учел. Ако тој бил некој дојденец: Елин или Латин, некој Сириец или Александриец, не ќе можел така да им се доближи на учениците, а ниту тие ќе можеле да го сметаат за толку близок.

Светиклиментовата дејност била просветна, пастирска, духовна и душегрижничка. Наречен е просветител, со полното значење на зборот просвета (prosvyÃenie = prosvetenie). Станува почеток на нашата средновековна книжевност. Неговите творби се најубавите дела на старомакедонскиот словенск и јазик и писмо.

Животот го посветил на Бога и на народот. Знаејќи дека не може секаде да појде и да му послужи на својот народ, свети Климент го основал Охридскиот универзитет, кој е првиот словенски универзитет и прв универзитет во Европа.

На Светиклиментовиот универзитет се изучувале сите тогашни науки. Се создавала нова книжевност и просвета. Во Европа влегла христијанската цивилизација на новиот јазик на Словените. Започнал новиот период во историјата на целото средновековно христијанство. Охрид, свети Климент и неговиот Универзитет станале граница меѓу двете големи јазично-културни цивилизации: грчката и латинската, и се издигнала третата – словенската, јазично-културна цивилизација.

Што го натерало свети Климента на оваа посветеност? – Двете најголеми евангелски заповеди: љубовта кон Бога и љубовта кон луѓето. Свети Климент ги исполнил овие две заповеди: ја покажал љубовта кон Бога – со тоа што животот му го посветил на Бога; а љубовта кон луѓето – ја искажал во душегрижништвото за народот. А, во основа на сè е тоа што тој библиски приоѓал на сè и затоа богомудро решавал сè. Библијата била основа на сè што мислел, што зборувал, што пишувал, што творел и како живеел. Затоа постанал тоа што е – Божји светител и народен просветител. За сите прашања од животот ги користел Библијата и учењето на светите отци.

Многу јасно и едноставно го поврзувал Божјиот збор со светот и со животот на луѓето. Такви биле неговите беседи и слова. Во нив ја искажувал Христовата порака до луѓето. Им објаснувал што е човекот, според христијанското учење – и барал да ја исполнат својата човечка и христијанска цел. А која е таа? – Да бидат добри и човечни. Со љубов кон секого. Да се усовршуваат во доброто, во љубовта и во светоста. На тоа сме повикани од Бога. Така се доаѓа до спасението и до светоста. Таков е нашиот живот во Христа. А Христос дојде на земјава и ни даде пример за совршен човечки живот. Ова им го кажувал свети Климент на луѓето, во своите поуки. Неговата проповед била сеење на словото Божјо. Тој се раководел според правилото: „Или не поучувај, или поучувај со својот живот. Инаку, со зборовите ќе ги повикуваш, а со делата ќе ги бркаш.“ Како што говорел, така и живеел. Сè што било изговорено, било и потврдено во неговиот свет и богоугоден живот и дело. Поучувал и со збор и со личен пример.

Не проповедал само в црква или на богослужба, туку секогаш и секаде. Одел кај луѓето, по нивните места, ги посетувал и дома и на работа. Ги поучувал, им помагал. Знаел како да ги придобие за верата, за Христа, за Евангелието и за евангелскиот живот. Им говорел кога биле собрани заедно, но зборувал со нив и одвоено: и со мажите и со жените, и со старите и со младите, а и со децата – и на сите им посочувал што е тоа во Евангелието, а што тие дотогаш не го знаеле и каква светлина можат да доживеат, ако проникнат во спасителното дело на Господа Исуса Христа. И уште повеќе – од какво значење ќе биде тоа за нивниот личен живот, за разбирањето, за радоста, за семејството, за доброто, за заемната љубов и почит.

Тој бил пример: и со животот и со делата, и со добродетелите и со дарбите, и со знаењето и со учењето, и со службата и со подвизите, и со учителството и со творештвото – и со целокупната своја личност, која ја имал изградено според критериумите на Евангелието.