Дечките од „Дајте музика“ се пласираа на 9. место на јуниорскиот Евросонг


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Кристина, Анастасија, Миха и Филип, тинејџерите од популарната телевизиска серија за деца „Дајте музика“, вчера ја претставија Македонија со песната „Green forces“ на евровизиската сцена во Париз, Франција, каде го освоија деветто место на јуниорскиот Евросонг.

Гласањето се одвиваше така, што гласови од публиката сочинуваат една половина од конечниот резултат, претворени во поени, а втората половина е од гласовите на жирито. Нашите претставници освоија вкупно 114 поени.

Песната со најголем број поени, односно Ерменија со младата Малена и песната ,,Qami, qami” годинава победи на изборот со 224 поени. На настанот учествуваа 19 земји, а Македонија настапи претпоследна.

Нашите претставници се појавија на сцената во лежерен, тинејџерски стил. Нив ги облече Јована Филиповиќ, а ги стилизираше Славица-Цаци Паковска. „Green forces“ е авторско дело на Роберт Билбилов, а текстот го потпиша Робин Зимбаков.

Уште кога беше промовирана, песната предизвика одлични реакции и има над милион прегледи на музичкиот канал Јутјуб. Пред заминувањето во Франција, Билбилов за ,,Фокус” изјави дека немаат преголеми очекувања, но убаво би било да победиме.

Јавноста пак, предвидуваше висок пласман, односно се надеваше и на победа поради певливите стихови, актуелната тема околу чувањето на животната средина, но и опуштеноста на сцена на нашите претставници.