Дали власта ќе дозволи одржување на мирни и културни свадби, без ора и гласна музика?


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


После минатонеделната средба со премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, угостителите и музичарите сега се во исчекување да почнат со разговори работните групи, кои треба да ги дефинираат протоколите за нивна работа, но и да ги доутврдат мерките за помош на овие најзасегнати сектори од корона кризата во земјава.

Средбата, пак, следуваше по последните рестрикции што ги донесе Владата во однос на функционирање на угостителските објекти, додека уште од почетокот на кризата важи забраната за организирање свадби и други прослави, пренесува Фактор.

Еден од клучните проблеми, за кој угостителите ќе бараат да се реши што побргу, е оној со организацијата на свадби во земјава. Добро е познато дека Комисијата за заразни болести не дозволува организирање на класични свадби, со играње ора, гласна музика и групирања, но од угостителските објекти за свадби велат дека тие тоа не го ни бараат. Единствено што бараат е да може кај нив да се организира обична прослава со ручек или вечера, како што се прави во сите други класични ресторани, со почитување на сите протоколи и со седење по четворица гости на една маса, како што налагаат новите правила одредени од властите.

Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, за Фактор вели дека на средбата со премиерот Заев и министерот Филипче, сите засегнати групи, односно и сопствениците на рестораните за свадби, и сопствениците на ноќните клубови, но и музичарите, се договориле да ги испратат писмено до Владата своите барања, и тие да бидат прецизно наведени, како основа за состаноци на работните групи кои ќе се ангажираат на решавање на проблемите.

Кога станува збор за свадбите, сопствениците на ресторани за прослави прашуваат зошто да не биде дозволено кај нив да можат да се соберат барем по 50 гости, колку што е дозволено да влезат и во Матично, се разбира со почитување на сите протоколи.

„Во класичните ресторани можат да се соберат по 50 гости, нормално со почитување на правилата, па прашуваме зошто тоа кај нас не е дозволено. Ние сега смееме да работиме како класични ресторани, но не ни е дозволено да организираме свадби и прослави. Проблемот е што кај нас инспекторите вршат многу построги контроли, и кога ќе ги посетат нашите ресторани, дури и со почитување на сите протоколи, односно седење по четворица гости на една маса, можат да ни изречат казни, бидејќи е забрането организирањето свадби. Тие кај нас многу построго ги толкуваат правилата. На пример, ќе ја видат невестата во бело, и тоа веднаш ги асоцира дека треба да не санкционираат, и покрај тоа што ништо не е прекршено од мерките за заштита. А исти такви веселби се организираат во класичните ресторани, но таму контролите и санкциите не се толку строги“, објаснува Ангеловски.

Всушност, било кое собирање на повеќе луѓе во рестораните инспекторите го толкуваат како свадба или прослава, и изрекуваат казни, а можат и да го пломбираат објектот. Исто така, се поднесуваат и кривични пријави.

Сега рестораните за свадби и прослави работат како класични ресторани, но не можат да ја вршат основната дејност, свадбите. Затоа бараат да се дефинираат протоколи за свадби, според кои би можеле безбедно да функционираат.

„Да го искористиме барем овој период до Нова Година, бидејќи потоа почнуваат постите и свадби секако нема да има дури до мај. Добро знаеме дека седум месеци досега не работевме, односно немаме никакви приходи“, вели Ангеловски.

Додава дека кај нив е далеку побезбедно да се прават свадби, наместо во класичните ресторани.

„Друго е кога 50 гости ќе влезат на 100 метри квадратни, а друго е кога тие ќе бидат на 500 метри квадратни, колку што се големи рестораните за свадби. Значи, ние не бараме да ни се дозволи да се играат ора, да се свири гласна музика и слично. Само бараме да може да се дозволи опслужување на по околу 50 гости, со тоа што ќе седат по четворица на една маса, како што и сега е дозволено во класичните угостителски објекти, со почитување на сите мерки на заштита“, објаснува Ангеловски од угостителско-туристичката комора од ССК.

Покрај протоколи, организаторите на свадби бараат и поголема економска помош од онаа што ја определи Владата во четвртиот сет економски мерки, а тоа се грантови од по 10 илјади евра.

„Владата мора да разбере дека едно е кога им се помага на фирми кои сепак работеле, а друго е кога им се помага на фирми кои 100 отсто не работеле, односно биле затворени. Кај нив помошта треба да биде поголема“, вели Ангеловски и додава дека од комората веќе испратиле до Владата методологија според која би се пресметувала помошта, а која би се базирала на минатогодишните приходи на тој субјект. Исто така, се предлага поголема помош да добиваат оние угостителски фирми кои го платиле целиот данок, а оние што не го платиле или тоа го сториле нецелосно, да добијат помала поддршка. Тоа би се направило со цел да се стимулираат даночните плаќачи.

Според Државниот пазарен инспекторат, пак, за угостителски објекти овој викенд биле изречени 19 кривични пријави за недозволено организирање на свадби, како и за седење на повеќе од четворица на една маса..