„Да се има 97“ – филм за филозофот кој тврдеше дека стравот од смртта е неоснован, па се премисли


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


На 75-годишна возраст, а тоа било во 1996 година, илозофот Херберт Фингарет ја пишува книгата насловена „Смрт: филозофски размисли“.

Во ова негово дело, Фингарет прави филозофска анализа на третманот на смртта кај 13 други филозофи и писатели, меѓу кои Толстој, Бертранд Расел и Конфучие, тврдејќи дека стравот од смртта е крајно ирационален, и дека се должи на воспоставените метафори за неа како за разделба, длабок сон или крај на патот. Откако ќе умреме, напишал тој, нема да има ништо. Тогаш зошто би се плашеле од отсуството на бидување, кога нема ни да бидеме „таму“ за да страдаме?

Но дваесет години подоцна, на 97 години, сега многу поблиску до крајот, Фингарет сфатил дека не бил во право. Смртта почнала да го ужаснува, и не можел да престане да размислува на оваа тема. Филозофот кој 40 години предавал на Универзитетот Калифорнија во Санта Барбара, и дел од својата кариера посветил на истражувањето на самоизмамата, почнал да се прашува – дали цело време се мамел себеси за смислата на животот и на смртта?

„Да се има 97“ е краток документарец на режисерот Ендрју Хас, внук на Фингарет, со кого тој бил многу близок како мал. Бидејќи живеел далеку, дедо му му испраќал по пошта касети на кој се снимал како раскажува приказни, за малиот да може да му го слуша гласот пред да заспие.

Фингарет почина во 2018 година.