Четири години условно и 3.000 евра глоба – толку вредат два човечки животи кај нас според еден охридски судија


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Пресудата за минатогодишната сообраќајна трагедија кај Охрид во која животот го загубија две момчиња ја разбранува македонската јавност откако беше јавно објавена од една од девојките кои беа повредени во сообраќајката.

Сташа Божиновска, една од трите девојки кои беа дел од кобната сообраќајка, која  се случи минатиот август во Охрид, кога нивни двајца другари загинаа, а тие трите беа тешко повредени, во отворено писмо раскажува за несреќата, но и бара правда за загинатите другари.

Нејзината реакција доаѓа откако била донесена пресуда за случајот, а возачот (роден 1997 година) кој ја предизвикал сообраќајката добил условна казна од 4 години и 3.000 евра глоба. Според пресудата, која Божиновска ја доставила до ,,Фокус”, обвинетиот возач возел со брзина од 106,6 километри на час, на место каде е дозволена брзина од 60 километри на час. Таа, заедно со блиските, бара правда и соодветна казна за изгубените животи.

-Доколку во наредните четири години го повтори делото, ќе одлежи две години затвор, значи условна казна и глоба од околу 3.000 евра. Тоа е пресудата. Името на судијата кој ја одреди оваа условна казна е Бојан Мартиновски, од Основниот суд во Охрид. Нека допре вистината до сите, бараме правда, вели Сташа за ,,Фокус”.

Како потсетување, во сообраќајката која се случи лани на магистралниот пат Охрид – Свети Наум, кај клучката за излез кон хотелот ,,Инекс” почина 27-годишниот Иван од Битола. По еден месец борба за живот поради тешките повреди, почина и неговиот другар Милан.

Иван управувал со возило Цитроен, а судирот се случил помеѓу три возила, односно помеѓу Цитроенот и помеѓу Голф со охридски и Волксваген Пасат со прилепски регистарски таблички. Осудениот за кого реагира Божиновска, но и блиските на починатите момчиња, управувал со возилото Голф.

Нејзината исповед за кобниот настан кој се случил на 15-ти август лани, ви ја пренесуваме во целост.

Јас, Деспина и Исидора кои бевме на ,,традиционален” летен одмор во Струга, се спремавме да излеземе и да си поминеме една нормална убава вечер на пијачка во Охрид. Попат дознаваме дека имаме другари од Битола кои исто така престојуваат во Охрид, па се договараме да се споиме.

Вечерта ја поминавме забавно и весело, сите кои ги знаат Иван и Милан, па и мене, Деспина и Исидора знаат дека сме секогаш за дружба, па заради пандемијата после кафиќ се договараме да си направиме журка во нивниот стан во Охрид.

Иван бидејќи цела вечер пиеше вода, заради тоа што беше совесен возач, беше среќен што конечно ќе се напие некоја пијачка и ќе се опушти.

Излеговме и се упативме кон колата.

Црно.

Ги отворам очите на повикот на Деспина по мене.

И си помислив ,,прв пат чувствувам толкава болка во сон”, а околу мене гласови, сирени, светла.

Пак црно.

Ги отворам пак очите и лежам во болница каде ми ги сечат алиштата и јас сум во шок.

Се свестувам и сфаќам дека вечерта заврши како што никој не би посакал и само ги прашав сестрите каде се другите и дали има жртви. Ми рекоа не, сите сте живи. Деспина беше до мене.

Пресреќна бев.

Барав телефон да се јавам да кажам на некој дека сме во болница, но дека сме добри. Прво, затоа што знам дека мајка и и татко и на Исидора не чекаат да се вратиме дома.

Добив телефон кога ме однесоа на одделение.

Првин се јавив кај моите, нормално, а тие веќе пред болница, плачат, не знам дали од среќа дека ми го слушаат гласот или од тага заради несреќата.

Се јавив кај сите што им го памтев бројот.

Во 11:30 ми се јави другарка ми и ми рече: сега имаш телефон ќе прочиташ па поарно јас да ти кажам, Корач почина.

Не можам ни да ви опишам што чувствував во моментот, плачев, а ме боли се, секој напор е додатна болка на веќе постоечките скршеници и рани, а за душевните не сакам ни да објаснувам.

Ме префрлија Скопје, каде имав 4 резови за да ме монтираат, како слагалка.

Лежев неподвижна таму 2 недели.

Исидора и Милан во КАРИЛ. Деспина дома со гипс околу рамената и клучната коска.

Моите од кај мене на болница кај Деспина дома.

Тетка ми која деноноќно седеше над Деспина, доаѓаше и кај мене во болница.

Вујко ми и вујна ми кои ја гледаа Исидора само преку стакло, одвојуваа време да ме видат и мене и Деспина.

Не знам дали некој може да го замисли ова, но на никој не му го посакувам.

Се вратив дома. Два месеци во болнички кревет, физиотерапија во лежечка позиција, психотерапија во истата таа позиција.

Колку среќа имам што сум опкружена од моите родители, браќа, другари најблиски и подалечни, мојот дечко, познаници. Секој дојде да ме посети. Сите тие еден по еден ми даваа сила и желба полесно и побрзо да го поминам ова.

Се сеќавам на 18-ти септември моите ми кажаа дека ќе одат некаде. Сабајлето имав физиотерапија и татко ми само влезе и рече се смени планот ќе останеме тука.

Кога завршив со терапијата ми дадоа појадок и седнаа до мене и мајка ми и татко ми.

Никогаш нема да ја заборавам оваа реченица на татко ми:

Знаеш, малку се искомплицира состојбата на Милан.

Јас викам добро, ќе биде добар.

И тој: ни замина.

Го фрлив појадокот и почнав да плачам како мало бебе.

Пак истото, си велам што згрешивме ние за да плаќаме за туѓа грешка. Е во тој момент почувствував гнев како никогаш до сега.

На 19-ти октомври заминав во Скопје на поактивна физиотерапија затоа што веќе почнав да се движам со дубак.

Јас веќе се исправив, Деспина исто така, со што таа имаше потрес на мозок и се уште се справува со вртоглавици.

Како да ги погледнам во очи вујко ми и вујна ми кои не знаат во тој момент дали нивната ќерка некогаш ќе се разбуди?

Како да го видам татко му на Иван или да одам да ја гушнам баба му на Милан која што ме знае од бебе, а да не помислам дека можеле нивните деца да се на мое место?

Траума, стрес, страв, срам. Заради некој дивјак!

Се молиме за Исидора, јас, ти, сите што ги познавам ме прашуваат како е.

Веќе сите чувствуваме дека сме дел од една голема фамилија, секој се грижеше за нашите животи.

Ја испративме во Германија, фала Богу.

И конечно се разбуди, добра е и ќе победи.

Кога ќе и кажам дека сите ја поздравуваат и прашуваат за неа, ме прашува кој? Како да и кажам? Баш СИТЕ. Не ги знаеш, но се молат за тебе, веруваат во тебе, и едвај чекаат да го запознаат најголемиот борец! Сакам да ви кажам дека има страшен дух и волја за живот, упорна е и се бори со сите сили. И најбитно, се ова со една голема насмевка.

Но, таа вика вака: Господ ги потроши сите сили на мене, сега нека му ја мислат тие.

Преблагодарна сум за мене и моите братучетки, но болката за Иван и Милан никогаш нема да замине, ќе мора да се научиме за живееме со неа. А за да можеме, бараме ПРАВДА!

Кога меѓусебно би си погледнале во срцата давајќи му значење на туѓиот проблем и предизвик со кој другиот се соочува, сигурна сум дека дека би се третирале со многу повеќе толеранција и разбирање. Се обидувам да разберам и да не сум лута. Тешко е, но се обидувам.

Но човекот, ИНСТИТУЦИЈАТА, која требаше да ми даде потпора, не само мене, на сите гореспоменати и неспоменати, ме/не предаде.

Бојан Мартиноски не изневери. Судијата од Основниот суд во Охрид!

Детето од колата знам дека нема да спие мирно можеби никогаш повеќе.

А ти, Бојан? Каква ти е совеста? Ни ги уби по втор пат другарите, и заедно со нив нивните фамилии – порача во отвореното писмо Божиновска.

Министерот за правда Бојан Маричиќ очекува праведна одлука на повисоките судови, во врска со овој случај.

-Како министер за правда, но, пред се како човек и родител не можам да бидам рамнодушен по одлуката на судот, кој пресуди условна казна за сообраќајката во Охрид во која две момчиња починаа, а три девојки беа тешко повредени. Очекувам праведна одлука на повисоките судови, а Судскиот совет будно да го следи целиот случај, напиша министерот за правда на својот фејсбук-профил.