„Челичната“ Романка може да биде прв обвинител во Европа


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


45-годишната Лаура Ковези, која светот ја запозна како прв човек на романскиот влијателен Директорат за борба против корупцијата (ДНА), сега е фаворит за позицијата главен обвинител на Европската Унија, а противкандидат ѝ е Жан Франсоа Бонер од Франција, а соочена е и со жестоко противење на владата на својата земја.

Без разлика кој ќе биде избран за шеф на новоформираниот Кабинет на европскиот јавен обвинител, таа личност ќе има големи овластувања за истражување и кривично гонење во случаите на злоупотреба на фондовите на ЕУ и ДДВ измамите меѓу членките на блокот.

Лаура Ковези стана јавна обвинителка со само 36 години. Во 2013 беше на челото на ДНА, каде стекна репутација дека е бестрашна. Во текот на петте години на таа должност таа пред суд изведе 68 високо позиционирани функционери, вклучувајќи 14 министри во владата или поранешни министри и 53 пратеници од двата дома на романскиот парламент.

До моментот кога владејачките социјалдемократи ја сменија од позицијата, 37 политичари веќе беа осудени, а повеќето останати случаи беа во процедура.

Романските владејачки социјалдемократи ја сметаат за смртен непријател, иако кривично гонетите функционери се од сите партии а не само нивната.

На крајот, по долга борба, владата минатиот јули го примора претседателот да ја отпушти. Обвинета е дека ја злоупотребила службата и за претерано користење на средствата на тајната служба за прислушување. Нејзините обвинители се обвинети дека вршеле притисок врз сведоците.

Против неа е отворена истрага за измама, која таа ја отфрла како кампања за дискредитирање. „Романците сметаат дека ДНА е нешо навистина исклучително“, кажа таа во февруари 2017 за Би-би-си кога стотици илјади Романци излегоа на улиците во знак на протест против напорите на владата да ги ублажи законите против корупцијата.

„Сѐ повеќе луѓе се спремни да сведочат во случаите на корупција. Тоа е поради тоа што романските граѓани сфатија дека законот е ист за сите. Тоа е тоа што го правиме. Ќе продолжиме да ја работиме својата работа, независно од тоа дали ја имаме поддршката од власта или не“, кажа тогаш Ковези. Граѓаните на протестите носеа транспаренти со изрази на поддршка за Ковези и ДНА. Пред десетина дена поддржувачите се собраа во Букурешт за да ѝ посакаат добредојде откако се врати од Брисел.

„Сега, откако се кандидираше за местото главен европски обвинител, луѓето ја поддржуваат повеќе од кога било. Таа е нашата челична лејди“, изјави за Би-би-си Анџи од групата Корупцијата убива. Меѓутоа, нејзиниот ривал Жан Франсоа Бонер, го доби мнозинството гласови од амбасадорите на ЕУ, а романската влада жестоко лобира за да ја саботира Ковези. Од друга страна, таа ја има поддршката од одборите за граѓански слободи и буџетски прашања на Европскиот парламент. Сега Европскиот совет, во консултација со шефовите на политичките групи во Европскиот парламент, треба да ја донесе конечната одлука.

Главниот европски обвинител треба да почне со работа во 2020 година.

Досега, 22 од вкупно 28 членки на ЕУ го поддржаа формирањето на Кабинетот за европски јавен обвинител и се обврзаа дека ќе ја почитуваат неговата надлежност. Меѓу државите кои го отфрлаат тој потег како мешање во нивниот државен суверенитет е Унгарија.

Главната цел на кабинетот е да се бори против комплексните случаи на измама.

На мета на новиот обвинител нема да бидат само сомнителните ДДВ трансакции, туку и прашања со тендерите на јавните набавки со пари од ЕУ, за да се идентификуваат договорите кои одат кај бизнисмените блиски со политичките партии.

Извор: Мкд.мк