Буџетски кратења од 4,9 милиони евра наменети за заштита на животната средина


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Граѓанските иницијативи и здруженија кои се залагаат за почист воздух се против кратењето на 4,9 милиони евра од Буџетот за 2017 предвидени за заштита на животната средина, кои се предвидени со предложените измени од 7 јули. Бараат ако не е можно зголемување на средствата наменети за заштита на животната средина, да нема нивно кратење.

„Во состојба на екстремно загаден воздух, вода, почва, нестандардни и илјадници диви депонии во Македонија, намалување на средствата за заштита на животната средина е неприфатливо. Ваквиот чекор е неодговорен и покажува негрижа за здравјето на своите граѓани и иднината на оваа земја“, стои во протестната реакција испратена до сите пратеници во Собранието по повод предложените измени на Буџетот за 2017.

Од Министерството за финансии велат дека причина за кратењето е слабата реализација.

„Кај дел од проектите, особено кај голем дел од капиталните инвестиции има реализација 0 денари. Ние сме и преголеми оптимисти кога го предвидуваме ребалансот, ако го земеме предвид фактот дека од усвојувањето на истиот остануваат помалку од 5 месеци. Парите кои биле предвидени за проекти кои не се реализираат и голема е веројатноста дека нема во целост да бидат реализирани се пренаменети онаму каде реално може да бидат употребени“, велат од Министерството за финансии.

Од скратените средства, конкретно за заштита на животната средина намалувањето е за 3,9 милиони евра или 24  насто. За намалување на загадувањето има скоро еден милион помалку, намалувањето е за 36 насто, за управување со отпадните има 24 насто помалку средства. Вкупниот буџет на Министерството за животна средина е намален за скоро 2,4 милиони евра, намалувањето е 23 насто од кои за заштита на животната средина има 1,5 милиони евра помалку, намалувањето е 29 насто, од тоа за инвестиции во животната средина 600.000 се скратени, односно 23 насто, за канализациони мрежи и одводни канали се скратени 800.000 евра, 56 насто, за каскадни прегради на река Вардар и канализациска мрежа во Велешта и Отља буџетот е намален за 50 насто.

И онака исклучиво малите средства за мониторинг се додатно скратени за 24 насто, буџетот за унапредување на животната средина е намален за 530.000 евра или 17 насто, а средствата за заштита на води, кои се минорни, намалени се за 26 насто. Некои ставки како поправки и тековно одржување, договорни услуги, вложувања и нефинансиски средства се намалени за 50 насто, 60 насто и повеќе.

Од иницијативите и здруженијата нагласуваат дека животната средина мора да биде приоритет, а потписници на барањето да не се крати буџетот за животна средина се „Воздух сега“, „О2 коалиција за чист воздух“,„Ние сме Карпош Четири“, „За нас се работи“,Levizja Nena dhe Femija, „Еко герила“, „Куманово бара чист воздух“, „Скопје смог аларм“, „Охрид СОС“, Детска амбасада „Меѓаши“, EDEN Environment и „Спас за Водно“.

Здруженијата го поздравија релоцирањето на 197.000 евра од Владата за чистење на депонијата во Тетово и зголемувањето на средствата наменети за Дојранско Езеро за 147.000 евра.