Актуелно

Божикна порака од г.г. Стефан: Ако сееме правда – ќе жнееме добрина!

Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан упати божикна порака по повод претстојниот празник Рождество Христово – Божик.

– Еве го денот што го очекуваа старозаветните праведници и денот што го слават новозаветните богољупци – денот на спасението! Денес се исполнија претскажувањата на пророците, денес се роди Богомладенецот – Спасителот на човечкиот род. Бог се јави во човечко тело, па како вистински човек – како Богочовек да му помогне на човекот да се обожи и спаси. И токму тоа Чудо над чудата – доаѓањето на Бога на земјата, донесе радост изобилна, радост вечна. Со тој настан се помирија небото и земјата и човекот со Бога. Затоа мирот е постојаната порака на Божик: да имаме мир во себе, мир со другите – мир со сите, а со тоа мир – и со Бога!

Но, за жал, и по 20 столетија човештвото не ја разбра ни љубовта, ни жртвата, ни пораката Божја поднесени и упатени за мир и единство меѓу народите. Па, никогаш досега немало вакви спротивставувања и непријателства меѓу народите, вакви прогонства и страдања на невини луѓе, вакви обезвреднувања на човечките животи и уништувања на материјални добра и постигнувања. Народите како да заборавија дека токму мирот на земјата и добрата волја меѓу луѓето, се најголемото богатство и траен благослов од Бога. Божик – празникот на мирот е прекрасна прилика да се испитаме секој себеси, и тоа колку имаме и колку го градиме мирот – и во себе, и во семејствата, и на работните места, и насекаде и со сите. Впрочем, ако сееме правда – ќе жнееме добрина!

И ние како народ, како држава и Црква, ќе имаме и порадосни празници и поблагопријатни времиња доколку повеќе го градиме мирот меѓу нас, единството и слогата, разбирањето и почитувањето, како и достоинството свое и на другите. Или како што поучува свети Климент Охридски – во љубовта да се натпреваруваме еден со друг…

Само така, со такви дела и со такви постапки ќе можеме да ја почувствуваме и смислата и радоста што ја имаат и што ја донесуваат и Божик – денот на Христовото рождество и сите празници и денови! Христос се роди. Од Бога благословено Новото Лето, стои во божикната порака на г.г. Стефан.

Advertisements
To Top